Кој ќе ги пополни министерските места кои треба да се испразнат откако Арбен Таравари најави дека излегуваат од владата? Билал Касами тврди дека веќе се разгледуваат нови комбинации и не ја исклучи можноста министерството за здравство да го преземат ВМРО-ДПМНЕ, додека „Вреди“ би добиле друг ресор, најверојатно Образование. Го обвини Таравари дека дејствувал како „тројански коњ“ во владата и предизвикувал внатрешни тензии. Најави и можност мнозинството да се зголеми со нови пратеници, вклучително и од редовите на опозициските партии на Албанците, а уверен е и дека, дел од пратениците на Алијанса ќе останат во владејачката коалиција.
Од владата, пак, демантираат дека воопшто разговарале за пополнување на испразнетите министерски и директорски места. Иако најавуваше, премиерот сепак нема да испие кафе за „збогум“ со Таравари.
„Не е точна информацијата, не е разговарано за ротации на министерства и нема да има средба меѓу премиерот и Таравари“ изјавија од владата за Телма.
Министерката Јаневска смета дека е рано да се каже како ќе течат работите.Не даде одговор ниту на прашањето дали ќе го прифати испразнетото министерско место на Таравари доколку ѝ биде понудено.
- Владата има премиер, а има и преговарачки тим. Тоа е нивна работа, тие ќе кажат како ќе биде, рече Јаневска.
Случувањата во владата ќе се дебатираат и на вечерашната редовна седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. И тие демантираат дека досега било разговарано за каква било размена на министерства, а за заминувањето на Таравари велат дека е логично, по соработката со Ахмети.
- Таравари на владините состаноци никогаш не разговарал за Законот за јазици, никогаш не разговарал за законско регулирање на балансерот. Не зборувал ниту некогаш некој го слушнал да зборува за ЕУ интеграциите, дека се блокирани поради наследениот спор со Бугарија, создаден токму од оние во чии прегратки сега оди. Но, знаеме дека се интересирал за концесионерот на паркинзи на Клинички центар „Ѓока“, затоа што е исфрлен од игра. Живо се интересирал за господинот Артан Груби, за господинот Зоран Заев и за нивните бизниси, и важни прашања за ДУИ, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО ДПМНЕ.
Отсуството на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, и на пратеникот Салим Сулејмани од партискиот состанок по кој Таравари објави излегување на Алијанса од владата отвори и дилеми, дали тие му го вртат грбот или остануваат со него. Таравари за Фетаи рече дека е на пат, а за Сулејмани дека поради семејни проблеми заминал во Струга. И двајцата денеска не сакаа да коментираат за своите понатамошни потези. Отсутен беше и пратеникот Халил Снопче, но бил во Тирана како дел од парламентарната делегација која ги набљудуваше изборите.
Алијанса за Албанците во владата има две министерски места – за здравство и за добро владеење, како и петмина пратеници.
Далиборка Демјанска