Глобалната слободна трговија е во криза, се соочува со многу предизвици во моментов и се одвива во многу тешки услови, потенцираше генералната директорка на Светската трговска организација (СТО), Нгози Оконџо Ивеала на средбата со јапонскиот премиер во Токио. Нејзината изјава доаѓа по одлуката на САД и Кина да ги укинат повеќето од царините што секоја нација ги воведе на другата и прогласија 90-дневно примирје во нивната трговска војна.
„Трговијата се соочува со многу предизвикувачки времиња во моментов е доста тешко. Но, исто така, чувствувам дека постојат многу важни можности во трговијата на кои треба да се радуваме. И треба да се обидеме да ја искористиме оваа криза како можност за решавање на предизвиците што ги имаме и да ги искористиме новите трендови во трговијата“, рече Нгози Оконџо Ивеала, генерална директорка на Светската трговска организација.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе ги намали царините од 145% што ги воведе за увоз од Кина на 30%, додека Кина соопшти дека ќе ги намали своите царини од 125% за американски стоки на 10%. Кина се обиде да се позиционира како сигурен трговски и развоен партнер за време на нестабилноста создадена од одлуките на американскиот претседател Доналд Трамп.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на форумот со латиноамериканските и карипските земји рече дека „одредена голема сила“ го спроведува „законот на џунглата“ и користи царини за да ги малтретира другите.
„Во денешниот свет, трендот на мултиполарен свет и економската глобализација се зголемува, но одредена голема сила е опседната со идејата „моќта прави сè“ и се става себеси над сите други. Се обидува да ги замени меѓународните правила со законот на џунглата и да го замени мултилатералниот систем со унилатерализам и хегемонизам. Исто така, ги користи тарифите како оружје за малтретирање на други земји“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.
Американските и азиските акции бележат раст, но добивките се ублажени од неизвесностите на подолг рок. Аналитичарите со предупредување дека политиките на Трамп сè уште би можеле брзо да се променат. Според нив, инвеститорите се свесни дека трговскиот договор не е завршена работа и треба да бидат подготвени за „неочекувани вести“.
„Мислам дека инвеститорите се свесни дека трговскиот договор сè уште не е склучен. Сè уште не е склучен договор. Дали е само тоа овој 90-дневен период за САД и Кина да купат повеќе време за да склучат договор“, прашува Луис Вонг, директор на „Филипс Секјурити Груп“.
Токискиот индекс Никеи 225 скокна за 1,8%. Автомобилските производители беа меѓу големите добитници, при што индексот на „Тојота Мотор“ порасна за 3,7%, а на „Сузуки Мотор“ за 4,6%. И американскиот индекс „Стандард и пурс“ 500 скокна за 2,6%, индустрискиот просек „Дау Јонс“ се зголеми за 957 поени, а „Насдак композит“ отиде нагоре за 3,6%.
Надежите за помалку оптоварена економија, исто така, ги зголемија цените на суровата нафта за повеќе од 3%. Американскиот долар се искачи во однос на другите валути, а приносите од државните обврзници скокнаа поради очекувањата дека федералните резерви нема да мораат толку длабоко да ги намалат каматните стапки оваа година.
Билјана Ставрова