Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама е во убедливо водство на парламентарните избори во Албанија, јавија албанските медиуми, повикувајќи се на податоци на Централната изборна комисија. Според нив, владејачката партија освоила 53,26 отсто гласови на вчерашните избори. Втора политичка сила во земјата, според досега преброените гласови, е „Алијанса за величествена Албанија“ на Сали Бериша која доби 33,92 отсто гласови. Официјалните резултати се најавени за утре.
Во текот на изборниот ден, албанските медиуми јавија за низа нерегуларности, како фотографирање гласачко ливче, закани врз политички кандидати, напади врз членови на избирачки комисии, обиди за поткуп на гласови, па дури и пукање на избирачките места.
Специјалното јавно обвинителство на Албанија информира за 39 кривични постапки од кои самата институција иницира осум, 20тина по упатувања од полицијата, еден од службата за внатрешна контрола на затворите и по три од политички субјекти, граѓани и канцелации на окружните обвинителства.
Право на глас на овие избори имаа 3,7 милиони жители, а за првпат во изборниот процес учествуваше и дијаспората.