Вести Македонија Најважни

Различни пораки на двете страни од власта – од тврдења за стабилна и фокусирана коалиција, до критиката „немате легитимитет“

На двете страни од власта различни пораки. Од тврдења дека коалицијата е стабилна и фокусирана, до опозициски критики – „немате легитимитет“.

Лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, Таравари, дефинитивно преминува во опозиција и неделава се очекува да го испие последното „партнерско“ кафе со премиерот Мицкоски.

Но, дилемите остануваат – како ќе делуваат сопартијците на Таравари, додека претседателот на Владата тврди дека само со неколкумина лидерот на Алијанса оди во групата на Али Ахмети и на „оние што две децении лошо и со корупција владееле со Македонија“.

Во јавноста веќе се појавија гласини дека дел од пратениците на Алијанса за Албанците остануваат во мнозинството, но засега нема официјална потврда.

„Со оглед на тоа што денеска освен координација немаше друго, а членовите на Алијанса за Албанците не присуствуваа на координацијата, навистина би било неодговорно да тврдам што ќе се случува со пратениците“, вели Весна Бендевска, пратеничка од ЗНАМ. 

Лидерот на крилото на Алијанса кое до скоро беше дел од Вреди секојдневно испраќа политички пораки, а последната дојде од Врапчиште каде што отвори нов партиски штаб.

Оттаму, Таравари даде конечна оценка дека тие не добиле поддршка за промените кои Албанците ги барале и очекувале.

„Владата некако се изгуби на патот кон ЕУ. Гледате, состојбата во државната администрација, има извонредна маргинализација и тенденција Албанците да бидат маргинализирани. Ја напуштаме Владата за да се вратиме посилни, особено во локалната самоуправа, а потоа и во централната власт“, е ставот на Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците. 

Оваа порака на Таравари доаѓа по воспоставената реторика на интегративците, дека Владата делува како „моноетничка“ и со монструозна амбиција да дисциплинира еден конститутивен народ.

Во меѓувреме, од ЗНАМ се децидни за нивните „црвени линии“ како владин партнер, повторувајќи ја заложбата за „дедуизација“ на општеството.

„Под „дуизација“ не подразбираме албанофобија туку напротив. „Дуизацијата“ значеше систем на коруптивно и криминално владеење“, додава Бендевска од ЗНАМ. 

Покрај лошата генерална оценка за начинот на владеење, од Демократската унија за интеграција денеска го повторија барањето и за предвремени парламентарни избори.

„Овие очајни обиди да се добие барем некаков легитимитет ќе пропаднат, но зад себе ќе остават длабоки последици во нарушувањето на меѓуетничките односи. Секој ден што оваа Влада ги отфрла албанските барања, преставува уште еден ден повеќе во оддалечувањето на Албанците од државните текови“, се вели во соопштението на Демократската унија за интеграција. 

Премиерот Мицкоски кој неделава последен пат ќе разговара со Таравари како со коалициски партнер, негира дека има потреба од вонредни парламентарни избори заедно со локалните, како што претходно предложи лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бочварски во Топ Тема: Освен финансиска помош законот за помош на семејствата на настраданите во Кочани ќе има и здравствена и социјална компонента

Дејан Дејан

Бизнисменот Крис Павловски за Телма вели дека тој не ја организирал посетата на македонската влада во Вашингтон на инаугурацијата на Трамп

Дејан Дејан

Пожар во домот на британскиот премиер Кир Стармер

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе