За модуларната болница, пресудата ќе се знае во петок. Двајцата обвинети директори Флорин Бесими и Артан Етеми кои беа на чело на тетовската клиничка болница во време на пожарот во кој загинаа 14 луѓе- бараат судот да ги ослободи бидејќи сметаат дека немаат одговорност за настанот. Модуларните болници беа под други министерства, а обвинетите директори немаа обврска за поставување противпожарни апарати, рекоа адвокатите.
Обвинителството пак бара затворски казни затоа што двајцата обвинети директори имале обврска да постават противпожарни апарат, а тоа не го направиле според пропишаните прописи.
Роднините на загинатите не може да бараат отштета бидејќи прво се чека кривична пресуда. Истиот Основен суд во Тетово прво бара правосилна кривична пресуда, а потоа да ги бараат правата во граѓанска постапка, посочи еден од адвокатите на оштетените.
Роднините на жртвите се незадоволни од истрагата на обвинителството затоа што се обвинети само директорите за противпожарни апарати, а не и оние кои го предизвикале пожарот со ракување на медицинската апаратура.
Ова е второ судење за случајот модуларна болница бидејќи првата пресуда во која директорите добија условни затворски казни беше поништена на Апелациониот суд во Гостивар. На денот на независноста 2021-ва, модуларната болница се запали при вклучување на медицински уред.
Во пожарот загинаа 14 луѓе, пациенти и роднини на пациенти кои се грижеле за нив. После истрагата обвинети беа само директорите и болницата, додека повисоките владеачки ешалони и персоналот од кобната смена не беа опфатени.
Судењето не е завршено три години и 8 месеци по пожарот. По трагедијата во Кочани и модуларната болница се спомнува како тема за расправа на анкетна комисија во Собрание заедно со други трагични настани кои се случија во Македонија.
Миомир Серафиновиќ