Спорт Фудбал

ФФМ почна постапка против седум членови на Кожув: Натпреварот ќе го истражува и Јавното обвинителство

Одделот за безбедност и интегритет при Фудбалската федерација на Македонија покрена дисциплинска постапка против седум лица членови на фудбалскиот второлигаш Кожув поради основано сомнение за нарушување на интегритетот на натпреварот против Башкими одигран на 6-ти мај годинава во рамки на 28.коло во Втората лига. Интерес за случајот има и од Основното јавно обвинителство Гевгелија, кое ги побарало сите докоменти поврзани со натпреварот за да започне истрага.

Од ФФМ информираат дека постапка е покрената против седум лица од фудбалскиот клуб Кожув, која се темели на писмените извештаи од учесниците на натпреварот, како фудбалерите, тренерите и службените лица од гевгелискиот состав, но и од официјалните лица на дуелот како судиите, делегатот, контролорот и комесарот за безбедност. Дел од фудбалерите во своите изјави посочуваат конкретни лица за кои дале инструкции или наредби во врска со конечниот исход од натпреварот.

Фудбалската федерација додава дека постапката може да биде проширена и против други лица или субјекти доколку бидат обезбедини дополнителни докази во постапката. Јавното обвинетелство во Гевгелија преку МВР ја побарало од ФФМ целата документација за отпочнување на своја постапка за случајот.

Овој натпревар од Втората фудбалска лига ја шокираше македонската јавност, откако фудбалерите на Кожув застанаа на теренот во Гевгелија и дозволија Башкими да постигне гол во судиското продолжение и да победи со 1-2. Кумановци се борат за влез во Првата лига, додека гевгеличани се наоѓаат на средина од табелата и се без никакви амбиции во финишот од сезоната.

Во продолжение и целоносното соопштение на ФФМ во врска со случајот.

„Врз основа на добиени информации и преземени активности во врска со натпреварот помеѓу ФК Кожуф и ФК Башкими, Одделот за безбедност и интегритет при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) покренува постапка пред Дисциплинската комисија поради основано сомнение за нарушување на интегритетот на натпреварот одигран на 6. мај 2025. 

Постапката се отвора против: С. Г. – ФК Кожуф, П.Г. – ФК Кожуф, Б.К. – ФК Кожуф, Б.Д.  – ФК Кожуф, Ј.П. – ФК Кожуф, К.С. – ФК Кожуф, Н.С. – ФК Кожуф, Ф.К. Кожуф;

Постапката се темели на досега добиените писмени изјаснувања и доставената релевантна документација и податоци од наведените лица (тренери, фудбалери, службени лица на клубот), како и од официјалните лица на натпреварот (судии, делегат, контролор на судии, комесар за безбедност).

Во писмените, своерачни изјаснувања, дел од фудбалерите посочуваат конкретни лица за кои тврдат дека дале инструкции или наредби во врска со исходот од натпреварот. 

Паралелно, Основното јавно обвинителство – Гевгелија преку Министерсто за внатрешни работи (МВР) побара доставување на целокупната документација  поврзана со натпреварот од 28. коло во Втора МФЛ, заради водење на истражна постапка во рамки на своите законски надлежности.

Напоменуваме дека постапката во овој момент се однесува на наведените лица и субјекти, но истата може да биде проширена и на други лица и субјекти доколку во понатамошниот тек на постапката бидат обезбедени дополнителни сознанија или докази што упатуваат на нивна вклученост. 

Случајот не е затворен и Одделот за безбедност и интегритет продолжува со активна проверка на сите релевантни аспекти поврзани со натпреварот.

ФФМ и Одделот за безбедност и интегритет остануваат цврсто посветени на заштитата на интегритетот на натпреварувањето и ќе продолжат со целосна соработка со сите надлежни институции за целосно расветлување на случајот.“

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Шкендија ќе ја прослави титулата со навивачите – ФФМ ја намали казната

Дејан Дејан

Карло Анчелоти и официјално на клупата на Бразил

Дејан Дејан

Чаби Алонсо на клупата на Реал Мадрид до 2028 година

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе