Слабото хидро, помалото производство од ветерниците и тоа што од ЕСМ не ги покривале загубите на струја, се трите клучни фактори поради кои електрани на почетокот на годинава произвеле околу 35 отсто помалку електрична енергија, во однос на она што го планирале.
Од ЕСМ појаснуваат дека за првите три месеци направиле договор со Универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ, да не ги покриваат загубите на струја во мрежата на Електродистрибуција.
Од Електродистрибуција пак за Телма соопштија дека на тендерот, ЕСМ се јавиле со понуда која не била доволна за целосно покривање на загубите во системот и одлучиле да склучат договор со други снабдувачи. Од најновиот годишен извештај на РКЕ може да се види дека и лани Електродистрибуција за оваа намена користеле струја од неколку трговци, чии имиња се добро познати во јавноста.
Останатите фактори кои влијаеле на реализацијата на планот се и помалото производство на струја од хидроцентралите и од ветерните паркови.
АД ЕСМ во моментов интензивно и посветено работи на зголемување на домашното производството со цел да се реализира планот за 2025 год, пишува во дописот од ЕСМ
Пред извесно време и министерката за енергетика Божиновска рече дека планот за производство на ЕСМ бил преамбициозен со оглед на состојбата во секторот, па поради тоа произвеле помалку од зацртаното. Но, и министерката Божиновска и од ЕСМ не очекуваат ваквата состојба да има влијание на новата цена на струјата, која треба да се донесе во јуни.
Од енергетскиот биланс прикачен на страницата на Министерството за енергетика, може да се види дека планот е оваа година термоцентралите, односно објектите од кои најмногу се обезбедува електрична енергија, да произведат над 3.900 гигават часови. Но, податоците во годишниот извештај на Регулаторна покажуваат дека ова количина на струја од нив во изминатите 10 години не се произвела. Па, од тука се поставува прашањето дали ќе се успее во реализацијата на зацртаните бројки во енергетскиот биланс.
Ирена Чачкова