Важно да се подигне свеста за сето она што претставува превентива и имунизација. Ниту еден родител не треба да се соочи со пертусис и морбили, болести кои ги имавме во земјава во последниве неколку години и тоа токму поради намалување на опфатот за овие две вакцини, вели професорката Грозданова. Според последните податоци, зголемен е опфатот на имунизација во 2024-та година во однос на претходните три години, сепак и натаму загрижувачки е фактот за ниски стапки на вакцинација во урбаните средини.
„Имаме неколку скопски општини, во најурбаните, Центар, Карпош и Аеродром опфатот со оваа вакцина ни е навистина многу низок, под 60-70 %. И она што е битно да се знае, тоа нѐ доведува до висок ризик од појава повторно со епидемија со морбили. Затоа, пак, имаме општини во внатрешноста на Македонија, па дури и во некои скопски општини, каде што имаме и над 90% со истата вакцина, што значи дека родителите генерално имаат доверба во вакцинацијата во системот, но најверојатно влијанието на социјалните мрежи, на неточните информации, на дезинформациите доведуваат до тоа голем дел од родителите да бидат во забуна“, рече проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.
„Иако имаме постигнато прогрес со вакцинацијата во Северна Македонија, сè уште постојат пропусти и јазови за да се постигне тој колективен имунитет. Потребна е вакцинација во стапка од 90 до 95% и сѐ уште е потребно да го достигнеме тоа ниво“, порача претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер.
Го поддржуваме Министерството за здравство во напорите да ги организира мобилните тимови кои што ќе одат низ земјата во текот на периодот кој следи, велат од СЗО.
„Ова не е време за повлекување. Знаеме дека по епидемијата со Ковид имаше одредени прашања околу вакцинацијата, меѓутоа ова се базира на докази. Вакцинацијата спасува животи. Особено поддржувам секое младо момче и секое младо девојче во Северна Македонија да добијат ХПВ вакцина“, рече претставникот на СЗО, д-р Али Аким.
Во меѓувреме, Здравствен дом Скопје ќе организира повеќе активности во 39 населени места, во сите градски и приградски општини на Скопје за теренска вакцинација на деца кои ја пропуштиле поради различни причини.
Нина Стефанова