Вести Култура

Во „Спона“ промоција на српски преводи од творештвото на Томислав Османли

Српскиот културно-информативен центар „Спона“ го продолжува циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, во којшто во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Србија во превод на српски јазик. Па, така утре (29 април) во 19 часот, во „Спона“ ќе се одржи книжевна вечер со Томислав Османли, еден од македонските писатели, чие творетво е меѓу најпреведуваните во Србија. Средбата е посветена на српските изданија, на изборот драмски текстови „Пат во рајот“ (Нови Сад: Прометеј, 2023 година) и на романот „Бродот. Конзархија“ (Зрењанин и Нови Сад: Агора, 2022 година).

На настанот, со свои видувања ќе се вклучи и Сашо Огненовски, којшто го преведе романот „Бродот. Конзархија“ од македонски на српски јазик, а уредник и рецензент на изданието е писателот Ненад Шапоња. Книгата „Пат за рајот“, пак, ги вклучува драмите „Пат за Парамарибо“, „Двајца во еден“ и „Апокалиптична комедија“ и преводот од македонски го направи српскиот писател и преведувач Александар Турунџиќ и во „Спона“ ќе се разговара и за овие драми. Во рамки на средбата ќе се оствари разговор со Османли во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните.  Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.

„Делата на Османли објавени во превод во Србија се вбројуваат меѓу изданијата што имаат предизвикано голем интерес кај српската книжевна критика. Меѓу најновите критички одгласи може да се идвои рецензијата за книгата со драми „Пат во рајот“, објавена во белградска „Политика“ од угледната српска книжевна критичарка Александра Ѓуричиќ во којашто е нагласено дека „со чувство за дозирана иронија и суптилен хумор, овие драми мошне приемчиви и за читање, ги отвораат просторите на мечтите на режисерите и на размислите на гледачите за тоа до каде сме стигнале со возовите без возен ред. До колку уметноста може да даде барем предлози, а решенијата се во рацете на другите, тогаш и драмите на Османли и нивните јунаци не се препуштени на целосниот очај и предавањето, туку на надежта. Во нивните реплики има очајна потреба од убавина, смиреност, радост. На трагата од исконската потреба по мирен живот, балканскиот простор пулсира повеќе од три децении, а уметноста е можеби единствената што ја поддржува потрагата по решение и по разрешница за сите наши, главно залудни, бесмислени маки“, истакнува критичарката Ѓуришиќ.

Во таа потреба да нè обедини и облагороди убавината, лежи и пораката на овие опори драми, кои се сведоштво за нашата реалност, но и искрена молитва упатена не кон боговите, туку кон човекот, дополни Ѓуришиќ.

Ова е прво претставување на српските преводи на дела на Османли во Српскиот културно-информативен центар „Спона“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Станав, пиев кафе, го шетав кучето и разговарав со сопартиец, име не му знам, ниту се сеќавам на него – Палевски раскажува што правел во денот на грабнување на Жежовски

Дејан Дејан

Казни до 5.000 евра за продажба и купување е-цигари со арома – во Словенија стапи на сила ново законско решение

Дејан Дејан

Најнереформираната институција во изминатите 34 години – претседателката Силјановска Давкова на Тркалезна маса за Уставен суд

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе