Вести Економија Македонија Топ вести

Светска банка – Македонија со најмал економски раст во регионот

Proekcii za rast na Zapaden Balkan, Svetska banka

Светската банка со уште поскромни прогнози за економскиот раст на Македонија од ММФ, и сериозно пониски очекувања од владата. Во Редовниот економски извештај за Западен Балкан објавен денеска, Светската банка очекува економскиот раст на земјава годинава да биде 2,6 отсто.

Владата проектира раст на економијата за годинава од 3,7 отсто, Народната банка очекува 3,3 отсто, ММФ 3,2 отсто, но Светската банка има сериозно поскромни очекувања од 2,6 отсто.

Според извештајот на Светската банка, македонската економија ќе расте најбавно во регионот. Најголем раст се очекува во Косово од 3,8 отсто, по што следува Србија со 3,5 отсто. Просечниот раст во регионот е проценет на 3,2 проценти.

Светската банка оценува дека повисоките расходи за јавни инвестиции се амортизирани со забавувањето на потрошувачката и извозот.

Американското зголемување на царините и несигурноста индиректно ќе влијаат врз македонската економија. Долгорочните проекции се ограничени од ниската продуктивност, неефикасната распределба на капиталот, слабата надворешна побарувачка и потрошувачката притисната од инфлацијата, стои во Извештајот.

„Изгледите за раст на Северна Македонија се тесно поврзани со забрзувањето на пристапните преговори со ЕУ и со посилните реформски напори за поддршка на структурната трансформација на економијата. Напредувањето во планот за реформи за ЕУ, вклучувајќи ги целите за зелена транзиција, е критично за поттикнување на одржливиот раст на среден до долг рок“, изјави Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, пак, за време на минатонеделната посета на Вашингтон изјави дека проектираниот раст на економијата од 3,7 отсто е реален и оти Македонија може да ја искористи царинската криза за префрлање на производствените капацитети од европските земји заради намалување на трошоци.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наместо на споменик, почит за убиените кај Вејце се оддава пред табла со слики и имиња која се зема после церемонијата за да не биде уништена

Дејан Дејан

Пациентите со хемофилија во страв дека нема да ја продолжат терапијата

Дејан Дејан

Од ноќеска нови цени на бензините

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе