Околу 35 проценти помалку струја произвел ЕСМ во првиот квартал годинава во однос на она што го планирале. Причината за ова од Министерството за енергетика велат дека е поради тоа што планот за производство им бил преамбициозен. Се надеваат дека тоа нема да влијае на зголемување на новата цена на струјата, која би требало да се донесе во јуни.
„Се надевам дека на следниот тендер кои ќе биде на почетокот на втората половина дека државата ќе направи се за да граѓаните немаат никакви ценовни шокови“, вели министерката за енергетика Сања Божиновска.
Според моменталните бројки, околу 50.000 домаќинства не можат да си ги платат сметките за струја. Но, сомнежите се дека се многу повеќе. Според потрошувачката, доста добар дел од нив влегуваат во четвртиот блок. Како ќе им се помага, дали за нив ќе се договара пониска цена на струјата, дали ќе има субвенции или, пак, забрана да бидат исклучени од мрежа допрва ќе се анализира. Ова беше истакнато на денешната презентација на новиот закон за енергетика.
„Од неофицијлани извори има многу од нив кои се во четвртиот блок, но сето ова ние ќе го провериме и ќе имаме точни и прецизни бројки“, додава Божоновска.
Со новиот закон за енергетика, Електродистрибуција за период од седум години од донесувањето на одлуката на Владата ќе треба да ги замени постоечките со паметни броила. Но, на кого ќе падне овој трошок допрва ќе се решава. Уште еден филтер на новиот законот треба да се направи со работната група во која има три члена предложени од опозицијата. Од таму велат дека следната недела ќе продолжат разговорите за финализирање на верзијата.
„Разговарано е за одредени корекции и дополнувања на постојните членови, во насока на нивно допрецизирање и појаснување во однос на постојната верзија. Очекуваме во текот на следната недела да продолжиме со разговорите со цел финализирање и изготвување на конкретни предлози на амандмани за измени на законот кој е во собраниска процедура“, вели за Телма Виктор Андонов, член на работна група предложен од опозицијата
Со новиот закон за енергетика, МЕПСО нема да смее да оди на продажба, се заоструваат и критериумите за оние кои ќе сакаат да тргуваат со струја.
Ќе се овозможи и складирање на вишокот електрична енергија во батерии и слично, а се планира и обновување на мрежата на МЕПСО која е застарена. Во моментов има барања за приклучување на 10.000 мегават часови. Но, голем дел од овие инвеститори немаат ниту купено земјиште и го држат редот на оние кои се сериозни играчи на пазарот.
Ирена Чачкова