Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева ги повика државите најбрзо што можат да ги решат трговските спорови, кои се закануваат да го потопат глобалниот економски раст.
Според Георгиева, несигурноста која ја преплави глобалната економија поради агресивните царини на американскиот претседател Доналд Трамп ги натера компаниите да ги одложат инвестициите а домаќинствата да се воздржат од трошење.
Како што веќе видовте неделава во нашиот најнов преглед на светската економија, значително ги намаливме нашите проекции за глобалниот раст. Големите промени во трговските политики значително ја зголемија несигурноста, заедно со построгите финансиски услови и високата нестабилност на пазарите. Едноставно кажано, светската економија се соочува со нов голем тест, рече георгиева.
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд им порача на централните банки дека ќе мораат да ги прилагодат своите политики, затоа што универзална фискална политика повеќе нема да им одговара на сите држави.
Одделни држави ќе се соочат со различни услови. Инфлаторните притисоци во некои држави попуштаат, во некои допрва треба да намалат. Кој е нашиот совет? Следете ги информациите, следете ги проекциите за инфлацијата. Централните банки ќе мораат да одржуваат деликатна рамнотежа помеѓу поттикнувањето на растот и контролирањето на инфлацијата, предупреди георгиева.
Георгиева директно ги предупреди и трите најголеми играчи на глобалната трговија, дека недоследностите во нивните економии се причина за тензиите.
Меѓу големите економии, некои држави, како Кина, треба да ја поттикнат приватната потрошувачка и да го прифатат пресвртот кон услуги. Други, како САД, треба да го намалат фискалниот дефицит, а во Европа, време е да се комплетира банкарската унија на заедничкиот пазар, заедничкиот пазар на капитал. Отстранувањето на внатрешните бариери за интерното тргување во ЕУ. Завршете го тоа, порача директорката на ммф.
По воведувањето на царините од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, Меѓународниот монетарен фонд откако ја намали прогнозата за глобалниот раст од 3,3 на 2,8 проценти, значително ја зголеми и проценката за можноста од рецесија во САД, на најголемата економија во светот од 25 на 40 проценти.
Игор Трајков