Американските царини предизвикаa низа економски превирања низ целиот свет. Во Кина најпогодени се производителите и извозниците кои се соочуваат со воведените царини од 245 отсто. Кинеските стопанственици се обидуваат да ги надоместат ризиците и штетите предизвикани од трговскиот конфликт со САД, но според нив ова е ескалација од големи размери која ја опишуваат како “најтешката“ досега.
„Поминавме низ неколку рунди на економски превирања, но навистина овојпат е најтежок. Не очекувавме дека нашите нарачки ќе страдаат толку многу под оваа царинска војна“ изјави Дени Лау, сопственик на бизнис во Кина.
Многу фабрики се соочуваат со трошоци во нивното производство, а пронаоѓање на нови партнери за поевтини ресурси е уште еден дополнителен проблем.
Извозот и увозот станува се попредизвикувачки за кинескиот пазар, па така многу од извозниците бараат алтернативни решенија во Југоисточна Азија, Латинска Америка, па дури и на Блискиот исток со цел да ги избегнат високите царини од САД.
„Баравме решение што може да ни помогне да ги надминеме проблемите или да се одржиме во оваа економска средина. Моравме да го промениме нашиот начин на размислување или да најдеме други пазари. Откривме дека пазарите во Југоисточна Азија, Латинска Америка и Блискиот Исток се доста слични со оние на Кина“ изјави Зу Хуаџијан, кинески менаџер за продажба во странство.
Покрај производствената индустрија во Кина која е загрозена, на мета е и пазарот за недвижности. Oдмаздничките царини на САД кон Кина освен што ги зголемија цените на увозните производи, дополнително може да ги предизвикаат и раст на цените на домашниот пазар.
Во услови на засилена трговска војна, Кина поднесе голем број жалби до Светската трговска организација. Реципрочните кинески царини кон САД се уште изнесуваат 125 отсто. Пекинг соопшти дека е отворен за преговори, додека американскиот претседател Трамп потврди дека договор со Кина ќе има, но не откри кога.
Американскиот долар e во пад трета недела по ред, и покрај изземањето на царините за електроника и автомобилите. Осцилациски движења се забележуваат и на берзите. Економистите објаснуваат дека високите царински стапки освен што ќе го забават економскиот раст ќе предизвикаат и повисока инфлација на американскиот пазар.
Теа Димковска