За нас Малата сцена секогаш ќе биде креативен поход и асоцијација на нашите почетоци во современиот балет и исклучителна можност да се разоткрие целата нејзина симболика и пркос која низ годините ги носи со себе, согласни се македонските кореографи. Со Деновите на македонски кореографи се одбележуваат 20 години јубилеј од првата претстава на Мала сцена „Јас Исидора“ во кореографија на Олга Панго.
„Идејата и целта на Мала сцена е да се развиваат нови креативни кадри од македонски кореографи. Јубилејот ќе го оддбележиме со пет претстави и една изложба која ќе започне на 22 април“, изјави Марија Кичевска Шокаровска, уметнички раководител на балет.
„Моето прво дело е 2006-та година беше на Мала сцена, така што само Малата сцена може да биде платформа за млади, нови, креативни сили кои можат да се изразат во копродукција со Националната опера и балет или некои независни проекти кои ќе можат да се одржуваат на таа сцена. Таа сцена треба вечно да трае, да се развива и таа сцена треба да буди креативни умови како што ги имаме ние во нашата држава“, изјави Саша Евтимова, кореограф и организатор на „Денови на македонски кореографи”.
„Сметам дека треба да има репертоар кој што е од полето на современиот танц, бидејќи едукацијата и со Факултетот за музичка уметност, односно Катедрата за балетска педагогија веќе 15 години продуцираме кадар“, изјави Искра Шукарова, кореограф и коавтор на изложбата „Вечни тела“.
„Потребно е нашите играчи да излезат од онаа комфор зона која што е само класика, но не значи дека тие мали проекти на Мала сцена нема да прераснат и во големата сцена“, изјави Киро Павлов, менаџер на балет и опера.
За прв пат на Мала сцена на Денови на македонски кореграфи се претставува и Скопје танцов театар со три премиери, кореографии на Рисима Рисимкин, Дејан Битровски и Адријана Данчевска-Ровчанин.
Во рамките на одбележување на овој јубилеј, за посетителите ќе биде отворена и изложбата на фотографии „Вечни тела“ на Искра Шукарова и Жарко Стојчевски.
Нина Стефанова