Првиот трансексуален машки фудбалски тим на Куба го започна својот прв натпревар во Хавана овој викенд.
Целта на натпреварот беше да се одбележи Меѓународниот ден на транс видливост, кoja транс заедницата на карипската нација го претвори во едномесечна серија настани.
„Транслуцидос“ одиграа пријателски натпревар против целосно женски тим во Хавана кој, без разлика на резултатот, беше поздравен како победа од двете страни.
„Ние сме првиот тим за трансродови мажи основан во Куба, и ова служи како начин да станеме видливи преку спортот, многу контроверзна тема во трансродовата заедница“ рече 29-годишната Мерле Рамирез, една од основачите на „Транслуцидос“, проект кој се обидува да ги обедини трансродовите мажи преку спроведување културни активности.
Надвор од фудбалскиот терен, Мерле Рамирез ја брани каузата за транс мажи во својата работа како фотограф и неодамна отвори изложба во една од галериите во стара Хавана.
И покрај провокативниот наслов „Барам право да бидам чудовиште“, изложбата прикажува транс мажи во секојдневниот живот, како ги држат своите деца во раце.
„Општеството не знае ништо за транс мажите, за тоа дека постоиме или за нашата машкост“ изјави Рамирез.
Куба помина долг пат од почетните децении на Кубанската револуција, кога геј луѓето се соочија со тежок прогон, вклучително и затвор. Дури кон крајот на 1980-тите, некои законски измени на правата на ЛГБТ заедницата беа загарантирани со законодавство.
Од 2008 година, Куба ја легализираше операцијата за промена на полот, што ја прави првата латиноамериканска земја која целосно ги покрива таквите процедури и хормонската терапија во својот национален здравствен систем, но сепак бара медицинска дијагноза на „родова дисфорија“, што исто така има критики меѓу активистите.
И покрај напредокот во последните децении, заедницата ЛГБТ воопшто, а особено транс заедницата, сè уште се соочува со институционални ограничувања. Во овој момент се води борба за измени во Предлог-законот за матичните книги.
Луѓето можат да го променат своето име, но полето за пол на нивната лична карта сè уште го покажува дали е машко или женско што предизвикува проблеми за трансродовата заедница.
Промената на законите е една работа, но менувањето на начинот на размислување на кубанското општество е долгорочен проект во кој играчите на фудбалскиот тим транс мажи се вклучуваат преку спорт, уметност и активизам во нивниот секојдневен живот.