Прошетка низ 50-годишната кариера. Вака нашиот, а светски виртуоз на гитара, композитор, пејач и текстописец, Влатко Стефановски ги најави концертите на 9 и 10 мај во Македонската филхармонија со кои што ќе прослави пет децении музичка кариера. Чествувањето на јубилејот започна лани со распродадени концерти во регионот и Европа. А, на концертите во Скопје, покрај Влатко Стефановски Tрио, како гости ќе настапат Бајага, Дамир Имери и Горан Бојчевски, а придружните вокали ќе ги пее Триото Струмица. Ќе биде изведен целиот материл од новиот албум „ London sessions“.
„Ќе се прошетаме низ мојата кариера. Тоа значи ќе има од најраните нумери кои што сум ги свирел со „Леб и сол“, па до најпоследните и најновите нумери, кои што сум ги направил на претходните албуми „Тафталиџе shuffle“, „Сеир“ и т.н. А и „London sessions“, се разбира. Јас мислам дека скоро сѐ ќе отсвириме од тука“, кажа Влатко Стефановски, гитарист, печај и композитор.
По двојниот компакт диск објавен лани „London sessions“, годинава доживеа и тројно винил издание. На него се наоѓаат 23 нумери со нов израз, кои Влатко Стефановски ги изведувал пред повеќе децении. Албумот е снимен во легендарното лондонско студио Abbey Road 3, каде снимале и Битлси, што за Влатко, како што кажа, претставувало остварување на детски сон. Албумот го објави издавачката куќа „Кроација Рекордс“, со која Стефановски соработува од 2014 година.
„Навистина ни е многу драго што можевме да направиме нешто , еден мал исчекор во таа музичка историја. Да не биде тоа само уште една компилација , да не биде само уште еден пресек на една сјајна, импресивна педесетгодишна кариера. Туку сето тоа заедно е еден нов студиски албум“, кажа Клаудија Чулар, музички уредник во „Кроација Рекордс“.
Пo Џорџ Бенсон, во јубилејната година, нашата музичката легенда доби и жици со неговото име од компанијата Тhomastik Infeld, од Виена.
Билетите за концертот на 9 мај се распродадени, а има сѐ уште за концертот на 10 мај, кажа организаторот Томислав Кашљевиќ од продукцијата „Мјузик Тајм“.
Сотир Трајков