Книжевниот превод и културата воопшто многу поефикасно знаат да го воспостават тпј меѓукултурен дијалог во споредба со некои други дејности, беше забележано на научната трибина насловена „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“ која се одржа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Мојот сон и моја надеж е дека се повеќе грчки автори ќе бидат преведени на македонски јазик и исто толку македонски автори на грчки, вели Кица Колбе чие дело „Егејци“ на грчки јазик го преведува Александра Јоаниду и треба да биде објавено во претстојниот период во Атина. Жив дијалог на пишаното слово, за кој верувам дека еден ден ќе се претвори во блискост и пријателство на македонскиот и грчкиот народ, додава таа.
- Луѓето од културата се отворени, тие ги надминувааат границите, не само границите на политичките дискурси или на политичкото нетрпение, туку и границите на јазиците. Најзатворените граници ги преминуваат само книгите, кога ќе се преведат од еден на друг јазик. И нема подобра можност да се запознае менталитетот, историјата културното паметење на еден народ од една книга, рече Кица Колбе, писателка.
- Преводот од еден на друг јазик е начин да го разбереме подобро начинот на размислување кој што се изразува на секој јазик. Тоа го знаеме преку доживувањата, бидејќи имаме многу работи кој што се заеднички. Јас сум од Флорина, од Лерин, зборувам македонски таму, и се што нѐ зближува е многу важно и многу се радуваме за тоа, истакна проф. д-р Јанис Манос, Универзитет „Македонија“ -Солун.
Важно е да се подигне свеста за улогата на дијалогот низ книжевниот и интеркултурниот дијалог .
- Книжевниот превод и воопшто културата е многу поефикасна, многу поефективна од сите билатерални договори и преговори и од сите одлуки кои што ќе ги донесат политичарите, затоа што тоа го допира ткивото на вистинскиот живот на обичниот човек. Кога ќе се спојат луѓе кои имаат заедничка референца, заедничка музика што ја слушаат или книга што ја имаат прочитано тоа предизвикува една мрежа од блискости, рече Живко Гроздановски, претседател на ДПМ.
Во рамките на дводневната научна конференција на тема „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“ која се одржува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје се предвидени излагања на повеќе македонски и грчки учесници.
Нина Стефанова