Вести Најважни Свет

Тлото во Мјанмар не мирува – властите бројат жртви, спасувачки акции и во Тајланд

Бројот на жртви од разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар се искачи над 1.600, а спасувачките тимови трагаат под урнатините по евентуално преживеани лица.

Најголем дел од жртвите се во сиромашната југоисточна азиска држава каде беше „осакатена“ критичната инфраструктура во услови на жестока граѓанска војна која беснее од 2021 година кога воената хунта во земјата го презеде управувањето со државата.

И додека земјата се бори со последиците од катастрофата голем број земји почнаа да испраќаат помош за настраданите но и свои спасувачки тимови за да помогнат во потрагата по преживеани.

Според прогнозите на Американската геолошка служба бројот на загинати би можело да надмине 10.000.

Пред овој земјотрес, на над 19 милиони луѓе – третина од земјата – им беше потребна хуманитарна помош. Петнаесет милиони луѓе беа акутно гладни, а други 3,5 милиони веќе беа раселени. Значи огромно ниво на ранливост. Сега, да ве погоди земјотрес од оваа големина и размери навистина ќе го турне населението до работ. И затоа е од суштинско значење меѓународната заедница да испрати поддршка, вели Мајкл Данфорд, директор на Светската агенција за храна за Мјанмар.

Зградите се претворија во урнатини за само неколку секунди. Тимовите ни кажуваат дека дури слушаат вресоци од под урнатините, кои потоа се стишуваат. Некои луѓе сè уште се обидуваат да ги извлечат своите блиски од под урнатините. И инфраструктурата, особено здравството, болниците, тие се преоптоварени и многу, многу оштетени, изјави Дипмала Махла, главен директор за хуманитарна помош.

Паралелно најмалку девет лица загинаа во соседен Тајланд, каде земјотресот уништи две згради и урна облакодер во изградба во главниот град Бангкок, заробувајќи 30 луѓе под урнатини, а 49 се водат за исчезнати.

Секогаш е тешко, но ги собравме сите ресурси да работиме во обид да бараме преживеани, а исто така и да ги извлечеме сите починати. Секогаш постои надеж. Работиме неуморно и сè уште работиме деноноќно за да се осигураме дека сите се безбедни, вели Анутин Чарнвиракул, тајландски вицепремиер.

Работниците во Бангкок се обидуваа да ги расчистат урнатините и да ги спасат сите преживеани. Утрово беше донесена уште тешка опрема за да се преместат тоните отпад, но надежта кај пријателите и членовите на семејството на исчезнатите дека ќе бидат пронајдени живи спласнува.

Тие донесоа многу повеќе тешка опрема за кревање. Сега можете да видите дел од тоа зад мене. Многу повеќе персонал. Но, кога ќе го видите обемот на задачата пред нив, разбирате зошто тоа е толку бавен процес, пренесува Џери Хармер, новинар на Асошиетед прес.

Силниот потрес остави широко распространето уништување. Експертите пресметаа дека потресот со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала ослободил енергија еднаква на 334 атомски бомби.

Работата на спасувачките екипи дополнително ја отежнуваат последователните потреси. Утрово беше регистриран уште еден силен земјотрес од 5,1 степен по Рихтер.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Помали царински стапки за 67 стоки, се либерализира трговијата со САД – усвоени измените на Законот за царинска тарифа

Дејан Дејан

Избегнувајте работа на отворено од 11 до 17 часот – владата со мерки поради топлото време

Дејан Дејан

Трамп: Путин се јави и праша дали ни треба помош со Иран, му реков „ни треба со вас“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе