Граѓаните, организирани од иницијативата „Кој е следен“ точно во 11 часот се собраа пред Собранието за да побараат правда за низа случаи кои останаа нерешени. Улицата беше затворена. Сите присутни дојдоа со една цел – да го кренат својот глас.
„Денес пред државното Собрание се одржа народно собрание во организација на иницијативата „Кој е следен“. Стотици граѓани дојдоа да бараат правда и одговорност“
Пред насобраните граѓани висеше транспарент со јасна порака „Собранието заседава, ве молиме за галама“. Се започна со едноминутно молчење во чест на загинатите во пожарот во Кочани. По шеесетина секунди се слушна македонската химна, сите присутни стоеја исправени. Организаторите на настанот изјавија дека повеќе нема простор за молк. Бараат одговорност не само за последниот случај туку и за сите претходни неправди.
„Бараме транспарентно и целосно да се објави документацијата поврзана за работењето на дискотеката „Пулс“ од 2012 година до денес. Бараме да се објават документите за да видиме дали воопшто постојат, односно дали воопшто бил извршен надзор во оваа дискотека. Не се задржуваме само на овој случај, сметаме дека системот во Македонија не функционира од самото нејзино основање и затоа бараме транспарентно да се објави документацијата и за низа други трагедии кои се случија изминатиов период“, порача Борјан Ефтимов од иницијатива „Кој е следен“.
„ Предлагаме да се оформи и граѓански сервис „Е инспекторат“ кој ќе овозможи транспарентно работење на сите инспекторати во земјава. Со што секој граѓанин ќе може да има увид во тоа кој објект бил подложен на надзор, а кој не“, кажа Игор Антов од иницијатива „Кој е следен“.
На крајот граѓаните зборуваа. Еден по еден излегоа и почнаа да ги кажуваат барањата. Сите зборуваа јасно и гласно дека сакаат правда. Додека тие зборуваа, останатите седеа на столчињата, внимателно слушаа и секоја реченица ја поздравуваа со аплауз.
„Денес решавам дека јас нема да бидам следна“, гласно порача една од присутните.
Иницијативата „Кој е следен“ ги отфрли сите обвинување дека имаат политичка поврзаност со која било партија. Напоменаа дека ќе продолжат да се борат за правда, а следните нивни активности ќе ги објават на социјалните мрежи.
Тамара Марковска