Бројот на загинати по разорниот земјотрес од 7,7 степени според Рихтер што го погоди Мјанмар надмина 1.000. Во земјата веќе почнаа да стигаат странски спасувачки тимови кои ја надлетуваат областа за да помогнат во потрагата по преживеани.
Најголем дел од жртвите се во сиромашната југоисточна азиска држава каде беше „осакатена“ критичната инфраструктура во услови на жестока граѓанска војна.
Најмалку девет лица загинаа во соседен Тајланд, каде земјотресот уништи две згради и урна облакодер во изградба во главниот град Бангкок, заробувајќи 30 луѓе под урнатини, а 49 се водат за исчезнати.
Прогнозите на Американската геолошка служба се дека бројот на загинати може да надмине 10.000 во Мјанмар и дека загубите би можеле да го надминат годишното економско производство на земјата.
Земјотресот оштети патишта, мостови и згради, соопшти хунтата која управува со земјата, а нивниот врвен генерал упати редок повик за меѓународна помош.
„Во моментов се вршат операции за пребарување и спасување во погодените области“, се вели во соопштението на хунтата за државните медиуми.
Кинески спасувачки тим пристигна во трговскиот главен град на Мјанмар, Јангон, на стотици километри од тешко погодените градови Мандалај и Најпитав, главниот град на земјата.
Русија, Индија, Малезија и Сингапур испраќаа авиони со помош и персонал во Мјанмар, кој беше опустошен од граѓанска војна по воениот удар во 2021 година, кој ја собори избраната цивилна влада.
„Ќе продолжиме да го следиме развојот на настаните и ќе следи поголема помош“, изјави индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар.
Јужна Кореја соопшти дека ќе обезбеди првична хуманитарна помош во висина од 2 милиони долари за Мјанмар преку меѓународните организации.
Соединетите Држави, кои се обидуваат да воспостават односи со војската на Мјанмар откако претходно ги санкционираа нејзините функционери, вклучително и шефот на хунтата Мин Аунг Хлаинг, изјавија дека ќе обезбедат одредена помош.
Земјотресот, кој се случи вчера напладне, погоди широки делови од земјата, од централните рамнини околу Мандалеј до ридовите Шан, чии делови не се целосно под контрола на хунтата.
Во Мандалај, вториот по големина град во Мјанмар, жителите и спасувачките работници се обидуваа да ги извлечат луѓето од под срушените згради, борејќи се со ограничената тешка механизација на располагање за отстранување на остатоците.