Стотина млади луѓе се собраа на дождливото скопско попладне во Градскиот парк за со едночасовен молк им оддадат почит на жртвите од пожарот во Кочани.
Собирот беше најавен на социјалните мрежи од групата „Студентски пленум“ за во 16:30 часот, а едночасовниот молк започна во 16:59 часот. Насобраните не дадоа изјави за медиумите пред почетокот на молкот.
Групата „Студентски пленум“ на Фејсбук, не е иста со таа на Студентскиот пленум од 2014 година.
Во текот на денот се појавија бројни шпекулации, па деманти во врска со протестите поради несреќата во Кочани.
За утре се најавени уште два собира во Скопје. Независниот студентски сојуз на УКИМ за утре во 13 часот ги повика сите студенти на пленум на платото пред Универзитетот.
Движењето „Кој е следен“, пак, за утре во 18:59 часот повика на протест на Плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Порталот Нетпрес утринава објави видео снимка од ЗУМ состанок на кој се договараат активностите во врска со барањето одговорност за пожарот во Кочани. На состанокот учествува и српска студентка од протестите во Белград.
Дел од медиумите тоа го протолкуваа како обид политичката криза предизвикана од студентските протести во Белград да се прелие во Македонија. Други, пак, на социјалните мрежи коментираат дека власта се обидува да ги замолчи критичките гласови.
Видео снимката почнува со логото на движењето „Кој е следен“, но тие демантираа каква било поврзаност со состанокот и нагласија дека нивното лого било намерно вметнато во видеото.
„Нашата иницијатива е граѓанска и како таква нема намера да се вклучи во студентското организирање, ниту да го инструментализира. Овие обиди за оцрнување се уште еден доказ дека политичката елита се плаши од автентично граѓанско незадоволство“, стои во демантот на иницијативата „Кој е следен?“.
На социјалните мрежи потоа се прошири информација дека утрешниот пленум на платото пред универзитетот е откажан „додека целосно не ги дистанцираме обидите за политичко влијание“, но Независниот студентски сојуз демантираше дека Собирот е откажан.
Срѓан Стојанчов