Обвинителството на Босна денеска и нареди на федералната полиција да го доведе на сослушување лидерот на етничките Срби, Милорад Додик, како дел од истрагата за неговото наводно непочитување на уставот на земјата.
Тензиите во оваа балканска земја се зголемија откако Додик беше осуден минатиот месец за пркосење на Кристијан Шмит, меѓународниот претставник задолжен за надгледување на мировните договори што ставија крај на војната во Босна во 1990-тите.
Додик, кој ја предводи босанската држава Република Српска, не се кае по пресудата и помогна да се протуркаат законите со кои се забранува влез на федералната полиција и судството во босанскиот српски ентитет.
Додик на прес- конференција изјави дека Обвинителството на Босна и Херцеговина го нарушува уставниот поредок на земјата, бидејќи постапува по одлуките на „странец“, мислеќи на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.
- „Овој суд и обвинителство е за инквизиција, а не за правда. Ова обвинителство извршува политички налози на муслиманите. На муслиманите и на муслиманската чаршија од Сараево. Сите нивни заложби за таа некоја приказна за помирување сега е јасно кон што цели. Мило ми е што овде ниту еден Србин не се меша и не се најде доволно луд за да го потпише овој налог. Иако знаеме дека таа работна група се обидуваше да уфрли некои Срби“, рече Додик.
Додик рече дека нема да одговори на поканата од Обвинителството на БиХ.
Минатата недела, тој, исто така, ја игнорираше поканата од главниот обвинител на Босна, кој го истражува за наводен обид да го поткопа уставот. Налози за апсење пристигнаа и до претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевандиќ и премиерот на РС Радован Вишковиќ.
Од крајот на меѓуетничката војна во Босна во 1990-тите, земјата се состоеше од две автономни половини — РС со доминантно српско население и муслиманско-хрватски регион.
Двата ентитета имаат свои влади и парламенти и се поврзани со слаби централни институции.
Поделената политика на Босна и кревките, повоени институции се соочија со зголемена неизвесност среде кризата што се развива.
Билјана Ставрова