Осум правни субјекти се затворени во траење од 15 дена и изречени им се парични казни бидејќи воопшто не ги почитувале владините мерки за скалесто ограничување на маржите а покрај тоа откриено е и дека за некои продукти бруто профитната маржа одела и до 70 проценти.
Директорот на пазарната инспекција Влатко Стојкоски ги презентираше резултатите од двонеделните проверки на терен во кои беа опфатени 365 малопродажни објекти и 64 големопродажни.
Контроли се вршени и во мали и средни маркети но и во сите големи ланци на маркети како и кај увозници и дистрибутери.
Откриени се 36 прекршоци за кои се изречени казни во висина од 42 илјади евра а на осум фирми им е изречена и забрана за работа во траење од 15 дена и тие морале да ги затворат објектите.
Меѓутоа, уште 30 предмети во моментов се во обработка за да се утврди прецизно дали и какви неправилности има а со овие предмети се опфатени сите ланци на големи трговци.
Стојкоски потврди тоа што се шпекулираше во јавноста дека за голем број продукти разликата во цената од граница до рафт во продавница односно бруто профитната маржа била и над 70 проценти
Околу обврската на трговците да ги објават своите цени на веб страна и редовно да ги ажурираат, која ќе почне да се применува кон средината на идниот месец, Стојкоски кажа дека очекува граѓаните да пријават доколку забележат нерегуларности односно дека некој производ се продава поскапо но и поевтино од цената наведена на веб страната.
Огнен Чанчаревиќ