Вести Култура Топ вести

Филхармонија го демантира Министерството за култура и туризам за изјавата дека дополнителните документи на кандидатите за директор се барале за појаснување

Македонската филхармонија преку допис до јавноста го демантира Министерството за култура и туризам.

Демантот доаѓа откако од министерството по протестот на филхармоничарите во понеделникот, испратија соопштение во кое ги демантираат тврдењата дека дополнителните документи што им се барале на кандидатите за директор на оваа национална установа не биле за да ги исполни критериумите од конкурсот, кандидатот од ВЛЕН, Мустафа Имери,  туку за да тие се појаснат и дека тоа било пракса и во минатото при изборот на директори на Филхармонија.

При тоа, од министерството се повикаа на Законот за општа и управна постапка. Ставот на Филхармонија го пренесуваме во целост.

Со последното соопштение на Министерството за култура и туризам, одговорните од оваа државна институција се обидоа да го оправдаат незаконското постапување при изборот на директор на Македонска филхармонија и со тоа да ги  отфрлат обвинувањата на синдикатот на Македонската филхармонија како неосновани и паушални.

Во соопштенитето, Министерството за култура се повикува на Законот за општа управна постапка (ЗОУП) велејќи дека „Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор до учесниците во конкурсот достави барање за дополнително појаснување во однос на доставената документација, што било пракса и во минатите постапки за избор на директор на Филхармонија“, но не кажа конкретно по кој член постапува и за кои минати постапки.

Согласно член 39 став (3) од ЗОУП:

ако поднесокот е нецелосен или нејасен, јавниот орган ќе се обрати до подносителот и ќе определи рок од 15 дена за дополнително појаснување. Ако подносителот ги отстрани недостатоците во определениот рок, ќе се смета дека поднесокот бил од почеток доволно јасен. Ако подносителот не одговори во определениот рок, барањето ќе биде отфрлено со управен акт во рок од дополнителни седум дена, против кој е дозволена жалба.

Во самиот член никаде не се наведува дека е дозволено доставување на дополнителен документ, односно документ кој е наведен како задолжителен во конкурсот, а не бил доставен во определениот рок.

Имено, во објавениот конкурс за избор на директор е наведено дека некомплетните и ненавремено доставени документи нема да се разгледуваат. Оттука, Министерството за култура како да не прави разлика меѓу поимите „дополнување на некомплетна документација“ и „појаснување на пријавата“.

Доколку Министерството смета дека ваквото постапување е во согласност со одредбите на ЗОУП, реченицата „Некомплетните и ненавремено доставените документи нема да се разгледуваат“, ги доведува во колизија и во ситуација на контрадикторност самиот конкурс и одредбите на ЗОУП.

Со ова повторно се доведува во прашање легитимноста на конкурсот, односно законското постапување во рамките на истиот.

По изјавата на Министерот Љутков дека повеќе од половина од назначените директори на национални установи се назначени законски, по пат на оглас објавен од Министерството за култура, не можеме да не го поставиме прашањето:

Дали и во другите конкурси била содржана реченицата „Некомплетните и ненавремено доставените документи нема да се разгледуваат“, а доколку била, по кој член и кој закон биле побарани документи кои недостасувале во пријавата?

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе