Најдоцна до 15 април на веб страните на големите трговски маркети ќе мора да бидат поставени цените на продуктите откако измените на Законот за заштита на потрошувачите беа изгласани во Собранието.
Сега останува тие да бидат објавени во Службен весник и почнува да тече законскиот рок од 45 дена до имплементација.
Правилниците за начинот како ќе се објавуваат цените ќе бидат објавени и доставени до трговците за десетина дена.
Мерките за скалесто ограничување на маржата и утврдување на највисоката цена со кои се опфатени 102 групи на производи а кои ќе бидат на сила до крајот на април треба да ги поевтинат цените за десет проценти смета Дурмиши.
Пазарната инспекција е на терен а дали и колку се почитуваат ќе се знае на почетокот на идната недела. Доколку се утврдени прекршувања предвидените казни се движат од 500 до 10 илјади евра како и затварање на маркетот.
За случајот со картелското здржување на четири ланци големи маркети и пријавата од КЗК, Дурмиши смета дека е исправна и дополни дека КЗК има договор за соработка со Пазарниот инспекторат за да биде поприсутен на теренот.
Предвидената казна е 10 отсто од вкупниот приход и доколку наводите се потврдат ланците ќе треба да платат над 40 милиони евра казна.
Околу тврдењата на дел од експертската јавност дека министерот Дурмиши нема познавање на областа кога станува збор за картелско здружување, тој одговори дека има потполна доверба во надлежните институции.
Огнен Чанчаревиќ