Владата на 30 јули 2024 година носи одлука за отповикување на седумтемина членови на надзорниот одбор на државниот производител на струја ЕСМ. На нивно место назначува нови седуммина. Дваесетина дена подоцна, новиот надзорен одбор, по препорака на Владата, предвремено ги разрешува седумтемина членови на Управниот одбор на претпријатието, поставени од претходната влада на СДСМ и ДУИ, и постави нови.
Целта на смената на раководството е оптимизација на трошоците и спроведување на развојни проекти „со цел АД ЕСМ да стане компетитивна компанија која ќе ги задоволи потребите од електрична енергија за крајните потрошувачи“, соопшти Владата.
За разрешувањето да не им падне многу тешко, разрешените директори си добија отпремнини од по 40-тина илјади евра, како што предвидувале нивните менаџерски договори, кои се деловна тајна. Во изминатите години биле склучувани низа анекси на договорите, а последниот бил направен во август 2023 година, половина година пред изборите.
Според информациите на Код, во случај на предвремено раскинување на договорите, на членовите на Управниот одбор им следува отпремнина во висина од 12 бруто плати кои ги примале пред да бидат разрешени.
Тројца од членовите на Управните одбори, Ардијан Муча, Душица Сеизовска Јовановиќ и Марија Пејкова, веднаш си нашле друга работа, па тие ја добиваат разликата од новата нето плата до директорската во наредните 12 месеци. Пејкова продолжила да работи во ЕСМ, но на друга позиција, а Муча и Сеизовска Јовановиќ си нашле работа на друго место.
Виктор Андонов добил отпремнина од 2,3 милиони денари, односно 38 илјади евра, Благојче Трповски 2,5 милиони денари, односно над 40 илјади евра, поранешниот заменик директор на ЕСМ Имер Зенку 2,65 милиони денари, односно 43 илјади евра, а на поранешниот директор Васко Стефанов му следуваат 2,8 милиони денари, односно 45 илјади евра. Доволно е само да биле невработени кога го поднеле барањето за отпремнина. Откако ќе ја добијат може и да се вработат.
Во ЕСМ потврдуваат дека им се исплаќаат отпремнини на поранешните директори, но не кажуваат колкави. Менаџерските договори се означени за деловна тајна и заштитени со степен „доверливо“. Според тоа, велат во компанијата, информациите од договорите може да им ги соопшти „само на органи, организации или лица на кои таквите акти мора да им се соопштуваат врз основа на законска обврска или определени овластувања кои произлегуваат од функцијата што тие ја вршат.
„Компанијата во рамките на своето работење, може да ја потврди вашата информација дека се исплаќа надомест на поранешните членови на Управниот одбор на АД ЕСМ – Скопје врз основа на индивидуални барања за исплата на разлика од плати, отпремнини и персонален данок во вредност до 2,8 милиони денари, согласно условите во нивните менаџерски договори“, одговорија во ЕСМ.
Поранешниот директор Васко Стефанов не стигнал да потпише за отпремнината зашто веќе два месеци е во притвор. Осомничен е за злоупотреба на положбата токму во фирмата од која бил предвремено разрешен и од која за досегашната служба треба да наплати 45 илјади евра.
Обвинителството во декември минатата година ја отвори истрагата за случајот Адитив за спорните набавки на адитиви за согорување на јаглен во РЕК Битола и во ТЕЦ Осломеј, вредни 6,5 милиони евра. Според извори во истрагата, адитивите се плаќани по цени 3 пати повисоки од пазарните.
Под истрага досега се 31 лице, меѓу кои и поранешните директори на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е во бегство, и Васко Стефанов, кој е притвор, како и поранешните директори на РЕК Битола Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ. Меѓу осомничените е и поранешниот комерцијален директор на ЕСМ Ардијан Муча, кој исто така добива отпремнина, односно од ЕСМ добива разлика од сегашната и тогашната директорска плата.
Компанијата со години тоне во загуби, а двајца од седуммина поранешни членови на управниот одбор се осомничени за сериозен криминал, но и покрај тоа им следуваат отпремнини.
Менаџерските договори во ЕСМ се предмет на истрага, а обвинителството во декември побарало копии од договорите. Поради тајноста на договорите поминало време додека да добијат налог за да може да ги добијат.
Директорите во Пошта наместо да си ги намалат, си ги зголемиле платите
Друг карактеристичен случај открива Државниот завод за ревизија. Наместо да си ги намалат, директорите на Пошта си ги зголемиле платите. Во ревизорскиот извештај за работата на АД Пошта на Република Северна Македонија за 2023 година се констатира дека во септември 2023 година, Надзорниот одбор на Пошта донел одлука за зголемување на месечниот надоместок на членовите на управниот одбор.
Склучени се анекси на менаџерските договори со кои платите на секторските директори, заменик директорот и директорот се зголемени за 42 до 58 отсто, што е спротивно и на законот и на менаџерските договори, со кои е предвидено „во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор може да се намалат.“
Во тоа време, директорка на Пошта е Бујаре Абази, која беше разрешена на почеток на годинава од техничката влада, затоа што во расколот меѓу крилата на Зиадин Села и Арбен Таравари во Алијанса за Албанците застана на страна на Таравари, кој тогаш беше во опозиција, а заменик директор Ненад Јосевски. Пошта за 7 години акумулирала загуби од 17 милиони евра.
Техничката влада предводена од Талат Џафери, на 8 февруари 2024 година испратила известување до Пошта со која го задолжува раководството да склучи нови менаџерски договори во наредната недела. Владата во прилог доставила Прирачник за пресметка на платите на директорите врз основа на финансиските показатели на фирмата.
„Имајќи предвид дека друштвото континуирано од 2017 година има негативен финансиски резултат од работењето, пресметка на платите на членовите на УО согласно новиот усвоен модел од Владата треба да резултира со намалување на висината на нето платите на членовите на УО“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Ревизорите констатирале дека и покрај тоа што Пошта работи со загуба и има проблем да си ги намири трошоците, раководството не постапило по укажувањето на владата за склучување нови менаџерски договори со пониски плати.
Вработените во Пошта во изминатиот период во неколку наврати протестираа за повисоки плати, а главната зграда на Пошта пропаѓа, откако пред десет години изгоре во пожар и никој не ја обнови за повторно да ја стави во функција.
На директорите исто така им следувале отпремнини од 12 бруто плати, без оглед колку долго биле на функцијата. Од 2018 до 2023 по овој основ биле исплатени 100 илјади евра.
Обвинителството оформи предмет и според наодите на овој ревизорски извештај.
Отпремнина им следува на сите, без разлика на резултатите од работата
Телма веќе објави дека кога ТЕЦ Неготино стана дел од ЕСМ, дотогашните директори на ТЕЦ Неготино добиле отпремнини, иако потоа продолжиле да работат во ЕСМ. Антикорупциската отвори постапка за овој случај.
Отпремнините на разрешени директори во изминатите години беа тема на низа новинарски истражувања и ревизорски извештаи. Во ревизијата за работата на МЕПСО во 2021 година се констатира сериозен одлив на пари по основ на отпремини. МЕПСО тогаш реагираше дека сите акционерски друштва во државна сопственост потпишуваат вакви менаџерски договори.
Во изминатите години имало случаи владата да назначи некого за директор, па после некое време да го разреши и тој да си наплати отпремнина, па по некое време да го назначи за директор на друго јавно претпријатие.
Во приватниот сектор, директорите имаат менаџерски договори со кои им следуваат низа поволности, но исто така имаат и обврски – да го подобрат финансиското работење, да зголемат производство или да ја зголемат довербата во фирмата. Потоа се оценува нивната успешност. Во државните фирми, доволно е некој да бил назначен – најчесто по партиски критериум.
„Не ги знаеме менаџерските договори бидејќи се држат во тајност. Не знаеме дали внатре има клаузули за деловна успешност, коишто ги обврзуваат оние коишто раководат со државните компании да исполнат некакви успеси за да бидат наградени, а доколку не ги исполнуваат да а може да бидат разрешени без никакви финансиски последици по државната компанија. Тука е главниот проблем, зашто веројатно и не постојат такви деловни клаузули и всушност овие позиции се тука за некаква награда кон некакви лојални партиски лица, или пак услов за тие да направат нешто во корист на некакви приватни интереси. Тоа е нивната улога најчесто во овие големи потрошувачи на јавните набавки“, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека над 800 државни институции, претпријатија, општини, компании имаат направено долг од над 38 милијарди денари, односно 625 милиони евра. Долговите се таложеле со години, па и со децении. Се менувале директори, кои добивале високи плати и други поволности, но резултатите очигледно изостануваат.
Акционерските друштва во државна сопственост функционираат според Законот за трговски друштва, кој важи и за приватните фирми. Во Националната стратегија за борба против корупцијата 2021 – 2025 година, која наскоро ќе истече, се наведува дека постојните недостатоци во правната рамка ќе се надминат преку донесување на посебен Закон за трговски друштва во доминантна сопственост на државата и локалната самоуправа.
„Овој закон како Lex specials, во однос на Законот за трговски друштва, ќе го регулира начинот на избор на раководните органи, постапките за вработување, транспарентност во работењето и ефикасен систем за внатрешен и надворешен надзор“, се наведува во стратегијата.
Законот требаше да се донесе во 2023 година, но од него нема ниту трага.
„Законот за трговски друштва важи подеднакво, како за трговските друштва каде што имаме приватен капитал, така и за овие каде што државата има свои удели или има доминантна сопственост. Разликите во функционирањето, во изборот на одговорните лица, во одговорноста се многу големи, а привилегиите остануваат исти. Од тие причини ние бевме на стојалиште дека државата прво мора да има единствена база на податоци за сите овие државни фирми, а од друга страна и да има една заедничка законска регулатива којашто ќе го регулира овој дел“, вели поранешна претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
Ивановска вели дека менаџерските договори во државните претпријатија служат само за испумпување пари без никаква отчетност.
„Менаџерските договори може да се склучат со одредени менаџери и како што се склучиле, така и да се раскинат без посебно образложение и тука мислам дека е слабоста, поради тоа што во преден план доаѓа политичкото влијание и нивното најчесто склучување или раскинување се случува кога настанува промена на власта. Меѓутоа, менаџерите или овие членови на управни одбори и сите тие коишто спаѓаат во тој дел, сите тие кога ќе си легнат на државни јасли, ним им е многу побезбедно затоа што дали биле или не биле на функција, тие пак ќе добијат еден голем, прилично значаен надоместок од државата, некаде од прилика си си земаат 12 месечни плати и тоа воопшто не е износ за занемарување. Ако направите анализа ќе видите дека се работи за суми од околу 20 илјади евра, така што тоа воопшто не е мал износ. Покрај привилегиите за плата и други трошоци, анализите на граѓанскиот сектор покажуваат дека тие си користат и други привилегии“, вели Ивановска.
Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје долго време се залага за донесување на Закон за висока раководна служба со кој ќе се направат јасни критериуми за избор и за разрешување на раководители. Сепак, Поповиќ вели дека тоа не е доволно.
„Сметам дека многу поважно е прво некој да отиде во затвор за поставување на лоши менаџери, дополнително, оние лоши менаџери коишто имаат направено злоупотреби исто така да одат во затвор, меѓутоа најважно е оние коишто се корисници на тие услуги, а тоа се граѓаните, на денот на избори и ова да го калкулираат кога одлучуваат за кого ќе гласаат“, вели Поповиќ.
Менаџерските договори како безбедносни документи
Друг важен момент поврзан со менаџерските договори во јавните претпријатија и државни компании е нивната тајност. Тие се прогласени за деловна тајна и носат степен на класификација „доверливо“. Според Законот за класифицирани информации, со степен „ДОВЕРЛИВО“ се класифицира е информација „чие неовластено откривање би предизвикало сериозна штета за важните интереси на Република Северна Македонија“.
„Класифицирана информација“ е информација… којашто се однесува на јавната безбедност, одбраната, надворешните работи или безбедносни или разузнавачки активности на државата која согласно со закон мора да се заштити од неовластен пристап и е обележана со соодветен степен на класификација согласно со овој закон“, се вели во Законот за класифицирани информации.
„Не може да бидат тајни кога се работи за јавни пари. Граѓаните треба да знаат и да имаат увид како се трошат јавните пари“, вели Ивановска.
„Во својата суштина, тоа не се доверливи информации, меѓутоа не е првпат одредени институции, со цел да ги скријат податоците, да ги прогласат за доверливи информации и таа злоупотреба на Законот за класифицирани информации е честа, особено онаму каде што се сака нешто да се скрие. Тоа се документи коишто се поврзани со безбедноста на земјата, а менаџерскиот договор, ако воопшто треба да биде класифициран, може само делови да бидат класифицирани, и слободно секоја институција може да редактира дел од договорите, и да ги објават. Секако, надокнадата не може да биде деловна тајна“, вели Поповиќ.
Истражување на Центарот за граѓански комуникации од 2021 година покажува дека во периодот од 2011 до 2021 година, 10 акционерски друштва кои доставиле податоци исплатиле 330 илјади евра за предвремено раскинување на менаџерски договори. Дел од друштвата не сакале да ги дадат, по што Центарот водел повеќемесечна правна битка да ги обезбеди информациите.
Срѓан Стојанчов