Вести Македонија Најважни

Македонија ја ко-спонзорира Резолуцијата на САД – Украина и ЕУ со друга Резолуција во ООН за руско-украинската војна

Владата потврди, Македонија ја ко-спонзорира Предлог-резолуцијата на Соединетите американски држави за Украина.

Со тоа се дава поддршка на предлогот на САД, а запрашан зошто државата презема таков чекор, премиерот Мицкоски само кратко и без многу образложување коментира – „така одлучивме“.

Покрај Македонија, ко-спонзори на американската резолуција се и Унгарија, Израел и Грузија.

Па, така одлучивме дека ќе бидеме ко-спонзори на Резолуцијата којашто ја поднесоа САД. Очекувам истата да биде поддржана од мнозинството во рамките на Обединетите нации, кажа Христијан Мицкоски, претседател на РС. Македонија.

Другата предложена Резолуција попладнево е усвоена од страна на Генералното собрание на ООН, подготвена е од страна на Украина, а поддржана од Европската унија.

Повикот за прекин на војната е суштински елемент на двете резолуции, но има и разлики.

САД повикуваат на брз крај на конфликтот и траен мир помеѓу Украина и Руската Федерација. Америка во документот не ја споменува инвазијата на Русија врз Украина.

Наспроти тоа, во украинската Резолуција се вели дека руската инвазија трае три години и продолжува да има разорни и долготрајни последици.

Од Министерството за надворешни работи ја дообјаснија одлуката Македонија да даде поддршка на американскиот предлог.

Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата, се вели во дел од соопштението на Министерството за надворешни работи.

Во украинскиот документ се вели дека сите претходни резолуции кои се усвоени од страна на Генералното собрание на Обединетите нации треба да се применат во целост.

А, сите досегашни резолуции на ООН го потврдуваа суверенитетот и целовитоста на Украина.

Начинот на кој одговараме на руската агресија денес, начинот на кој одговараме на руските злосторства и криминали, начинот на кој одговараме на агресијата како алатка за државно уредување нема да ја дефинира само иднината на Украина и на Европа. Ќе ја дефинира нашата заедничка иднина, иднината на целиот демократски свет и иднината на Обединетите нации. Подготвени ли сме да ја почитуваме Повелбата на Обединетите нации? Дали сме подготвени да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на државите?, вели Маријана Бетса, заменик-министерка за надворешни работи на Украина.

Од американска страна нагласуваат дека Резолуцијата којашто ја предложиле не е мировен договор туку е пат до мирот.

Американскиот претставник во Генералното собрание на ООН побара да се отфрлат амандманите поднесени од Европската унија и Руската Федерација за Резолуцијата на Украина и ЕУ.

Барам од сите земји членки да запомнат дека резолуцијата на САД не е мировен договор. Тоа е патот до мирот. Ниту овие амандмани ниту резолуцијата понудена од Украина нема да го запрат убивањето. Обединетите нации мораат да го запрат. Ги повикуваме сите земји-членки да нѝ се придружат во враќањето на ОН кон нивната основна мисија за меѓународен мир и безбедност, вели Дороти Шеј, заменик-амбасадор на САД во ООН.

Според информациите, САД извршиле притисок врз Украина да се откаже од сега веќе усвоената Резолуција поддржана од ЕУ, а со кој се предвидува руските вооружени сили веднаш да се повлечат од украинска територија. Но, Украина одбила да ја повлече предложената Резолуција.

Петар Догов

Мицкоски потври дека Македонија е коспонзор на американската резолуција за Украина спротивно на резолуцијата која во ООН ја поднесоа ЕУ и земјата која е под руска агресија

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наталитетот во слободен пад

Дејан Дејан

КОД: Надзорните камери придонесоа за намалување на сообраќајните прекршоци, истиот ефект се очекува и од Сејф сити

Дејан Дејан

Пелагониското село Мусинци на летните горештини со денови се без вода, резервоарот е празен, а на дното мртви влекачи и кал

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе