Изјавите на сѐ поогорчениот украински претседател Володимир Зеленски на денешната прес конференција еден ден по средбата помеѓу високите претставници на САД и Русија во Ријад, само потврдија дека помеѓу него и американскиот претседател Доналд Трамп постои голем јаз.
Од друга страна, ова е и јасен показател колку блиску се наоѓа Украина до губење на САД како сојузник, а одредени политичари во Европа и Украина сметаат дека тоа веќе и се случило.
Синоќешните изјави на американскиот претседател се загрижувачки идентични со ставовите на Кремљ, а вчерашните разговори во саудиската престолнина повеќе наликуваа на состанок за договарање бизнис соработка, отколку на прв чекор кон отворање преговори за завршување на крвава војна со сериозни импликации кон моменталниот светски поредок.
Поради тоа, денеска украинскиот претседател го предупреди Трамп дека „живее во дезинформациониот простор на Русија“, откако американскиот претседател ја стави под знак прашалник легитимноста на Зеленски, затоа што неговиот мандат завршил минатата година. Токму тоа е еден од главните столбови на руската пропаганда, оспорувањето на легитимноста на Зеленски како претседател на Украина.
Трамп како еден од условите за продолжување на американската помош го вброи и итното одржување на избори во Украина, посочувајќи дека неговиот низок рејтинг, од само 4 проценти, најверојатно е причина зошто Зеленски не сака да организира избори. Но, вонредната состојба која е на сила во земјата забранува одржување избори, а поради војната дури и опозициските партии признаваат дека би било исклучително тешко, па дури и невозможно, да се организираат избори.
Тврдењето за нискиот рејтинг, според Зеленски е резултат на ширењето дезинформации од Москва. Последното истражување на јавното мислење во Украина покажа дека 52 проценти од Украинците го одобруваат начинот на кој Зеленски ја води земјата и војната против Русија.
На денешната прес конференција Зеленски се повика на друга анкета, која покажува дека има поддршка од 58 проценти од граѓаните, што, според него, потврдува дека нема лесно да биде сменет.
Поради тоа Зеленски денеска го повика специјалниот пратеник на Трамп за Украина, поранешниот генерал Кит Келог, кој денеска пристигна во земјата, да прошета по улиците на Киев и да ја види реалната ситуација во Украина.
Сакам самиот да види и да разговара со луѓето, да ги праша дали му веруваат на својот претседател, дали му веруваат на Путин. Нека ги праша за Трамп, што мислат тие по неговите коментари, рече Зеленски, пред да порача дека е подготвен да патува со Келог и на фронтот, за тој лично да разговара со украинските војници.
Трамп и неговата администрација се обидуваат тој бизнис пристап да го наметнат и во односите со Украина, што може да се види и преку понудата на американскиот претседател Украина да им отстапи на САД 50 проценти од своите ретки метали и минерали, во замена за продолжување на американската помош во војната.
Запрашан за таа понуда Зеленски рече дека ја одбил бидејќи во првичната нацрт верзија воопшто не се спомнувале безбедносните гаранции кои Украина ги бара од САД.
Јас ја бранам Украина. Не можам да ја распродадам, не можам да ја распродадам нашата држава, изјави Зеленски.
Осврнувајќи се на барањето на Трамп за отстапување на украински ретки минерали во вредност од 500 милијарди за продолжување на воената поддршка, украинскиот претседател посочи дека тоа не е реална цифра. Цената на војната во Украина, според него, до сега изнесува 320 милијарди долари, иако и самиот признава дека проценките на Киев и Вашингтон се разликуваат. Од тие 320 милијарди, продолжи Зеленски, 120 беа обезбедени од украинските даночни обврзници, а 200 милијарди од САД и ЕУ.
Според Зеленски, администрацијата на Трамп сака да претстави дека дури 90 проценти од помошта за Украина доаѓа од САД, кога во реалноста не е така.