Соединетите Американски Држави ги следат случувањата во правосудството и очекуваат да се почитува законот. Американската амбасадорка Агелер даде сличен одговор и за иницијативата за разрешување на државниот обвинител и за интерпелациите на петте члена во судскиот совет избрани од собранието.
„Немам коментар. Запозната сум и го следиме процесот. Според моите сознанија, во тек е процесот, согласно законските процедури, и одблиску го следиме“, одговори кусо Анџела Агелер, амбасадорка на САД во земјава, по примопредавање на мобилно оперативно возило за Црвен крст.
„Одблиску го следиме и тој процес. Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува“, додаде Агелер.
Од опозициската СДСМ реагираат дека зад разрешувањето на Јавниот обвинител се крие обид за инсталација на партиски послушник
„Изјавите на извршната власт дека нема да го земе предвид мислењето на Советот на јавни обвинители се спротивни на законот и сите правни стандарди. Во Законот за јавно обвинителство, член 63, став 3, јасно е предвидено дека Советот на јавни обвинители треба да даде мислење по предлог на Владата. Ако ова не се почитува, тогаш власта и де факто и де јуре потврдува дека има намера да го поништи принципот на поделба на власта и да ги контролира правосудните институции“, изјави Александар Алексовски од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ им одговорија дека го бранат Љупо Коцевски
„СДС го брани Љупчо Коцевски, затоа што не отвори постапки за извршителите на човекот на Зоран Заев, Наќе Георгиев кој постапи по неговите наредби во случајот со Боро Марлборо. Ако Љупчо Коцевски работеше по закон, по признанието на вина од страна на поранешниот член на Судски совет и врховен судија, Наќе Георгиев дека влијаел за пресудување на помала казна за Боро Марлборо, за што се стекнал со имотна корист, ќе отвореше истрага за судиите и обвинителите во тој случај“, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.
Коцевски не се повлекува пред притисокот од власта да си замине. Вчера посочи дека работел законски, а од аргументите кои досега ги слушнал во јавноста, не може да стане збор дека сторил тешка диспилинска повреда. Одлуката е на политичарите, но смета дека јавноста ќе оцени дали е бил разршен законски или незаконски.
Од Владата по вчерашната седница посочија дека основ во барањето за негово разрешување ќе биде дека намерно и неоправдано направил крупна професионална грешка. Ова е една од точките во член 91 од законот за јавно обивнителство, каде е наведнео што се се смета за тешка дисиплинска повреда.
Конкретно, кои се аргументите ќе напише министерството за правда во предлогот за разрешување кој треба да оди во Советот на јавните обвинители. Вчера на владина сендица го анализирале само мислењето на правда и повторија дека меѓу причините за смена на државниот обвинител се нарушен углед и функционалност на обвинителството, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на самостојноста на обвинителите. Велат не станува збор за перцепција на Владата, туку состојби констатирани и од стручна јавност и извештаи.
Во најважниот извештај за евроинтеграцискиот пат, извештајот на ЕК, во делот за борба со корупцијата стои дека се потребни дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка. Исто така пишува и дека Буџетот и персоналот на обвинителството (ОЈО ГОКК) и натаму се недоволни за ефикасно решавање на предметите на корупција и организиран криминал. Сепак, власта и со овој буџет не ги обезбеди средствата за обвинителството и судството гарантирани во закон.
Елена Ивановска Мукоска