Спроведени 124 вонредни контроли на ланци на супрермаркети, дисконти и хипер маркети од страна на инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство неделава на целата територија во државава.
Целта на контролите беше проверка дали операторите се регистрирани во АХВ за сите дејности и активности во секој од објектите, дали и колку се исполнети општите и посебните хигиенски услови за храна, со акцент на спроведување на контроли во деликатес одделите и месарниците, како и во месарниците кои изработуваат свежи подготовки од месо.
Донесени се 47 решенија за утврдени недоследности, изречени се 29 парични казни во вкупна вредност од 82 илјади евра во денарска противвредност. Кај 15 оператори утврдени се незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 најдена е храна со поминат рок на употреба, а кај 5 храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана и сл. Тројца од контролираните оператори не извршиле задолжителни здравствени прегледи за вработените, 10 не воделе записи за HACCP, Дора хигиенска и Добра производствена пракса. Кај 4 оператори најдени се несоодветно означени производи, а еден објект не бил регистриран.
Уништени 22,3 тони небезбедна храна, од кои најголем дел месо.
Покрај ова се контролираше и исполнетоста на процедурите за чистење и дезинфекција на опремата, приборот за работа и спречување на вкрстена контаминација, снабдувањето со безбедна вода, поседувањето на санитарни книшки и сертификати за стручна подготовка на вработените лица кај операторите, чувањето и складирањето на храната, нејзиното потекло, следливоста , како и почитувањето на температурниот режим за храната од нејзиниот прием до ладилник.
Контролирано беше и водењето на записи за НАССР и Добра производствена и Добра хигиенска пракса, означувањето на храната, плановите за сопствено мострирање на операторите, спроведувањето на операциите за пакување/препакување, дезинфекција, контрола на штетници, а со вонредните контроли опфатени беа и магацините на операторите.