Интерпелациите стасале во Судксиот совет претпладнево. Петте членови избрани од Собранието имаат рок од 10 дена од приемот да достават одговор кој потоа можат и на седницата во Собрание да го образложат.
И претседателката Гордана Сиљановска Давкова очекува оставки, откако ќе биде изгласана интерпелацијата потпишана од 67 пратеници. Според Сиљановска Давкова, треба да има законски механизми што ќе овозможат регрутирање на најдобрите во ваквите тела, а не акцентот да се става на политизираноста и партизираноста.
„Одговорни членови на Судски совет веднаш би поднеле оставка по скандалите што се случуваа, а тие таму се избрани не за да бидат судски скандал мајстор, туку да оневозможуваат било какво скандализирање на независната судска власт. Еве уште очекувам да бидат доблесни и да го сторат тоа. Зошто? – Бидејки познато е дека тој што ве бира, ве контролира и може да ве разреши“, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Премиерот, кој минатата недела ја најави интерпелацијата како „удар во чело”, деновиве повеќе не зборува за разрeшување на членовите со образложение дека ако не си поднесат остакви, со сила не можат ништо да направат, затоа што законот ги штити. Тој денеска вели дека постои основа за критичка дискусија и дебата, а пратениците треба да одлучат по сопствена волја.
Експертите сметаат дека нови членови на Судски совет треба да се бираат според новиот закон кој треба да биде донесен до јуни. Во него треба да бидат вградени и забелешките на Оценската мисија на ЕУ, да се прецизира изборот и разрешувањето на членовите на судски, но и да се додефинира терминот „Истакнат правник“ кој важи токму за членовите што ги бира собранието.
Елена Ивановска Мукоска