Немојте да ги користите вашите приватни мејлови, туку само оние кои ви се доделени од надлежното министерство. Ова ќе биде една од главните мерки кои ги најави министерката Јаневска против заканите за бомби во електронски пошти на вработените. Бомби не експлодираа, но и по две години со новиот бран најави се врати стравот, паниката и се наруши текот на наставата. Министерството за дигитализација подготви нови насоки, кои се усогласуваат со МОН.
„Кога имаме сајбер напад на државата, тоа се случува кај оние мејлови кои не се доволно заштитени. Ние велиме дека постои заштита на службените мејлови и тогаш кога ги користиме нив сме најбезбедни“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Ако МОН и министерството за дигитализација ги заштитат училиштата од сајбер напади, сепак општините, МВР и останатите надлежни ќе имаат полни раце работа да ја контролираат безбедноста на училиштата и учениците. Од самиот влез, преку движењето, но и надзорот над самите објекти.
„Постојат и дополнителни мерки кои можат да се спроведат. Како поставување на камери во училиштата во кои нема и ангажирање на обезбедување онаму каде што нема. Тоа се одговорности на општините, ние како МОН само ги даваме препораките за учениците да бидат безбедни“, додаде Јаневска.
Во петокот, над 240 училишта беа испразнети поради новиот бран на лажни дојави за бомби. Заканите беа испратени во раните утрински часови до основни и средни училишта ширум државата. Сите дојави беа лажни и испратени на приватни мејлови.
Тамара Марковска