Вести Емисии Код Македонија

КОД: Избегал во странство наместо во затвор, судење кое трае деценија, роднини кои не знаат како е спроведена правда за смрт на нивни блиски во сообраќајни несреќи на пешачки премин

Во КОД направивме анализа и проверка како се спроведува правдата во случаи кога ќе настрада пешак на премин на кој е прегазен од автомобил. Судските процеси траат со години, а често има и застарување на кривично дело или застарување на казната поради бегство односно недостапност на осудениот возач.

21-ВИ ОКТОМВРИ 1998-МА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН КАЈ СОБРАНИЕ

Центар на Скопје  Приквечерина. Млада жена заминува кон својот дом , на пешачкиот премин во  Центарот на градот . Нејзина вообичаена рута, пат кој го поминува целиот свој живот воопшто не насетувајќи дека токму таа вечер може да биде фатална за неа. Се пали зеленото светло за пешаци на семафорот а за возилата е црвено. Зачекорува на пешачкиот премин, по само неколку чекори со голема брзина наидува автомобил.

Иако црвеното светло значи СТОП за возачите, Горан Драгошановиќ тоа воопшто не го испочитувал. Јури со недозволена брзина од Рекорд Кон Собранието и удира во младата жена.

Брзината е толку голема и автомобилот предизвикува тешки повреди на жената која е отфрлена од пешачкиот премин. Четири дена подоцна, од тежината на повредите, жртвата починала во болница.

0

Оваа сообраќајна несреќа со смртни последици се случила пред две и пол децении. До денеска обвинетиот Горан Драгошановиќ Вили не одлежал ниту еден ден в затвор. Бил осуден на 6 месеци ефективна казна, но не бил во затворска ќелија. Ја напуштил државата и чекал извршувањето на казната да застари.

Младата жена го загуби животот од возач кој во сред центар возел брзо не застанал на црвено без воопшто да размислува дека може да згасне човечки живот заради тоа. Во тие години и покрај тоа што возачите правеа сообраќајки со смртни последици не одеа во притвор ниту пак казните беа големи. За жал неказнивоста се повторува.

А црната листа на пешачките жртви на обележани премини само се зголемува. И многу често поминуваат без казна.

Билински, Фросина, Викторија, Теодора, Симона, па повторно Фросина.

Некогаш бегство во странство ги спасува возачите од казна, но многу често и некоординираноста на институциите и спорото судство.

Бегството во странство како случајот со Драгошановиќ – веќе овозможува застареност за сообраќајната несреќа која во ноември 2014-та се случи кај Млечен ресторан во Скопје.

НОЕМВРИ 2014-ТА, ПЕШАЧКИ ПРЕМИН МЕЃУ КАТОЛИЧКА ЦРКВА И МЛЕЧЕН РЕСТОРАН СКОПЈЕ

Се уште ученик, на само 15 години и син единец. Се викаше Иван Билински. Голем случај кој има нов пресврт. Осомничениот Џенис Мекиќ беше осуден првин на затворска казна од 2 и пол години затвор уште во 2017-та. Апелација ја потврдува казната, но Врховниот суд во 2019-та година ја поништува пресудата поради пропусти во постапката на сметка на обвинетиот, а одбраната цело време тврдеше дека предизвикувач на несреќата е друг возач, а не младиот Мекиќ кој тогаш возел Туарег.

Почна ново судење, но обвинетиот не се појавуваше на рочиштата. Беше во странство и полицијата не можеше да го најде на неговата домашна адреса. Судењето завршило во кривичниот суд повторно со изрекување на затворска казна, но сега повисока.

ОДГОВОР ОД КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕ

Во однос на предмет со К.бр. 2301/22, обвинетиот Џенис Мекиќ, на 16.06.2023 година, во негово отсуство со оглед да во моментот бил недостапен за органите на прогон, бил правосилно осуден на казна затвор во траење од 4 години затвор.

Но, повторно почнува тркалање на правдата. Неговиот адвокат поднесува жалба и лани во април, Скопска апелација ја намалува казната од 4, на 2 и пол години затвор. Врховниот суд ја потврдил одлуката на Апелација.

Но, кривичната одговорност за несреќата се приближувала кон застареност, казната за делото на возачот можела да биде максимално 5 години, што значи дека настапува застареност, десет години по извршување на кривичното дело- во конкретниот случај- сообраќајната несреќа кај Млечен ресторан. И обвинителството ни потврди- дека обвинетиот кој е во бегство побарал повторување на постапката бидејќи бил суден во отсуство.

Тоа значи дека доколку судот му го прифати барањето, тогаш делото ќе му застари. Обвинетиот Мекиќ сега пријавил дека е достапен на иста адреса во скопско- каде полицијата со години не можеше да го пронајде за судските процеси за несреќата во која загина Билински.

ОДГОВОР НА ОБВИНИТЕЛСТВО СКОПЈЕ

На 25.11.2024 до Основното јавно обвинителство Скопје од Основниот кривичен суд Скопје е доставено барање за мислење по поднесено барање од обвинетиот за повторување на постапката (2КПОВ-293/24), бидејќи бил суден во отсуство. На 27.11.2024 година јавниот обвинител до Судот достави негативно мислење, бидејќи во барањето обвинетиот ја навел истата адреса на која претходно не бил достапен на органите, без да има дополнителен доказ дека лицето сега е достапно.

Скопското обвинителство оценува дека целта на обвинетиот е да избегне затвор, па барало судот кога ќе го пронајде и му дозволи ново судење, веднаш да му определи притвор на обвинетиот за смртта на Билински.

ОДГОВОР НА ОБВИНИТЕЛСТВО СКОПЈЕ

Според обвинителството единствена цел на ваквото барање на осудениот е да избегне издржување на казна затвор за сериозно кривично дело. Доколку сепак Судот оцени дека се исполнети законски основи за повторување на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител побара судот веднаш да определи и мерка притвор за обвинетиот. До Основното јавно обвинителство Скопје до овој момент не е доставена одлука од оваа постапка.

ЈУНИ 2021-ВА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН КАЈ ГИМНАЗИЈА ЈОСИП БРОЗ

На пешачки премин, во центарот на Скопје на булеварската раскрсница меѓу гимназијата Јосип Броз студентскиот дом Кузман, на зелено, во јуни 2021-ва настрада и загина Симона Здравковска. Поминувала кон другата страна на булеварот каде ја чекал сопругот и во количка, 5-месечното бебе на Симона.

Нејзиното дете сега има 4 години, но се уште судската пресуда за смртта на младата мајка не е реализирана и извршена.

Обвинет бил возачот Водњан Илиевски кој возел со автомобил во две ленти на коловозот. Првичното вештачење дека бил под дејство на марихуана, но имало и вештачење од Србија кое било спротивно за присуство на дрога во крвта. Илиевски ја признал вината во суд.

ОДГОВОР ОД КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕ

Во конкретниот предмет со пресуда (К.бр. 1135/22) врз основа на признание на вина, обвинетиот е осуден на казна затвор од 5 години и 6 месеци, која пресуда е потврдена со пресуда на Апелациониот суд Скопје (КЖ 816/24) на 24.10.2024 година.

Кривичниот суд не одговори дали е почната постапката за извршување на санкцијата по потврдената правосилна пресуда за смртта на Симона Здравковска.

2009-ТА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН КАЈ ПАЗАР БУЊАКОВЕЦ

Сега е повторно полицаец, амалитичар во полициска станица Бит пазар, исто како и во 2009-та кога како вработен во МВР и ангажиран во обезбедувањето на Сашо Мијалков предизвика несреќа на пешачки на Партизанаска кај Буњаковец. Ален Зекиров возел со мотор и на пешачки го удрил Симо Серафимовски кој поминувал на пешачки туркајќи го својот велосипед. Од несреќата до правосилност на пресудата поминале повеќе од 5 години.

ОДГОВОР НА ОСНОВЕН КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕ

Во однос на правосилната пресуда со К.бр. 2074/11 против Ален Зекиров,  објавена на 04.06.2014 година, за кривично дело Тешки дела против безбедоста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст. 4 в.в. чл.297 ст.3 в.в. ст.1 од КЗ,  е осуден на 6 месеци казна затвор, која  е правосилна од 21.01.2015 година и извршена.

Од судот не прецизираа каде и кога е извршена казната. Бидејќи казната беше на граница, 6 месеци затвор, ако добиеше ден затвор повеќе, Зекиров ќе добиеше и отказ, но остана во полицијата. Две години подоцна за време на упадот во Собранието на 27-ми април беше забележан во Парламентот, а МВР одлучи дека го прекршил законот за полиција бидејќи не интервенирал и не им помогнал на колегите полицајци во спречување на насилства.

Поради тоа доби отказ од новото раководство на МВР кога министер беше Оливер Спасовски. Се тужеше со МВР и го доби, а судот поради неправилна постапка за отказ го врати на работа во полицијата и му додели отштета од 50 илјади евра. МВР му ги исплати парите минатата есен, а во јуни пред промената на власт е вратен во полиција како аналитичар.

2015-ТА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН НА ПАРТИЗАНСКА КАЈ УНИВЕРЗАЛНА САЛА

Пред Фросина Кулакова, на истиот пешачки премин настрада уште една Фросина. Студентката од Крива Паланка Фросина Цекова го загуби животот на пешачкиот кај Универзалната сала пролетта 2015-та. Возачот избега од местото, но потоа Љубиша Видојковиќ сам се пријави во полиција. Му беше утврдена алкохол во крвта, а дополнително, отежителна околност му беше однесувањето во сообраќајот и непомагање на жртвата. Целиот процес траеше повеќе од половина деценија на три судски инстанци.

ТЕЛОП Одговор од Кривичен суд Скопје

Во однос на правосилната пресуда со К.бр. 558/17 против обвинетиот Љ.В. за кривичното дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 в.в. со член 297 став 1 од КЗ од 20.09.2018 година, изречена казна затвор од 4 години. По добиена жалба одлучувал Апелациониот суд Скопје каде со пресуда КЖ 954/18, врз основа на негово признание на вина во втор степен е осуден на 3 години затвор. Но, по вложена жалба и на одбрана и на Јавно обвинителство, Врховниот суд донел пресуда Вкж2 19/19 со која повторно е вратена казната до 4 години затвор. Казната е веќе извршена.

Според одговорот од Кривичен, овој случај низ судниците на крај доби разрешница и заврши дури 5 и пол години после трагедијата и смртта на Фросина. Патуваше од основен до Апелација па на крај и до Врховниот суд, каде е донесена конечната пресуда од 4 години затвор. Казната според кривичниот суд е извршена.

ЈАНУАРИ 2022-РА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН КАЈ СИТИ МОЛ  

Во случаи на сообраќајните несреќи има и едно друго правило. Кога има притисок од јавноста за да се расветли некоја несреќа и да се добие соодветна казна за жртвата тогаш обвинителството и судот постапуваат побрзо за да го престигнат гневот на јавноста и недовербата на граѓаните.

Загинувањето на Викторија Николова на пешачки кај Сити мол во јануари 2022-ра предизвика протести, но и притвор за возачот кој ја предзивика несреќата. Пресудата стана правосилна за помалку од една година. Сега Кривичниот суд ни одговори дека казната се извршува.

ОДГОВОР ОД КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕ

Во однос на правосилната пресуда (К.бр. 496/22) против Јордан Ѓоргиев за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот (од чл.300 ст.2 в.в. со чл.297 ст.1 од КЗ), со која врз основа на признание на вина е осуден на 3 години казна затвор, по жалба изјавена на Јавното обвинителство, Апелациониот суд (со КЖ 415/22) ја прифатил жалбата и казната ја зголемил на 4 години затвор. Казната е во фаза на извршување со оглед да обвинетиот претходно бил во притвор.

Несреќата се случила додека семафорот бил исклучен и трепкал на жолто. Никогаш не се утврди кој и зошто го исклучил семафорот, дали поради поминување на функционерска колона или некој го штракнал прекинувачот во отвореното сандаче за контрола на напојувањето на семафорот со струја.

АВГУСТ 2022-РА ТЕТОВО

Летото, 2022-ра во Тетово на булевар Видое Смилевски Бато, 23-годишната Теодора Ристовска беше прегазена од БМВ кое го управувал двојно постариот Менсур Пајазити. Девојката настрада на пешачки премин, кој не бил ниту добро осветлен ниту соодветно обележан од надлежните служби.

По 4 дена борба за живот, Теодора почина во Клиничкиот центар во Скопје. Две и пол години подоцна, случајот повторно е вратен на почеток. Сторителот е на слобода, а Врховниот суд му ја поништил пресудата на Пајазити.

ОДГОВОР ОД ОСНОВЕН СУД ТЕТОВО

По поднесено барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, Врховниот суд на Република Северна Македонија донел Пресуда (КВП2 бр.106/24 од 25.12.2024 година) со која се двете пресуди на пониските судови (Пресудата на Основниот суд Тетово К бр.436/23 од 30.11.2023 година и Пресудата на Апелациониот суд Гостивар КЖ бр.64/24 од 16.04.2024) година се укинуваат, а предметот е вратен на повторно судење пред првостепениот суд.

Но, оваа информација, дека Врховниот суд ја укинал пресудата за Пајазити, ја немаше во одговорот кој до КОД го испрати обвинителството иако веќе е отворен нов предмет. Тоа значи дека комуникацијата меѓу судот, тетовското обвинителство и државното обвинителство некаде е прекината.

Спората правда за Теодора одела вака, тетовскиот суд во ноември 2023-та пресудува 3 и пол години затвор за возачот. Тој се жали на висината на казната и бара помала. Вишото јавно обвинителство во Гостивар се согласува со неговата жалба, па Апелациониот суд во Гостивар ја преполовува казната на Пајазити, на две години затвор. Без да се извршува казната, осудениот се упатува на Врховен суд кој го уважува неговото барање за вонредно преиспитување на пресудата и поништува се што е донесено претходно. Две и пол години по несреќата, тетовскиот суд отвара ново предмет и почнува ново судење.

ДЕКЕМВРИ 2022-РА ЦЕНТАР НА ВЕЛЕС

Велешкиот случај кога Ангелчо Николов на пешачки премин на 17-ти декември 2022-ра прегази и усмрти 11-годишно девојче кое било во придружба. Николов возел повеќе од двојно побрзо од дозволеното, седнал зад воланот иако претходно пиел по кафеани, а дозволата веќе му била одземена.

Судот во Велес му изрече казна од 18 години затвор поради тоа што целата заедница, но и цела Македонија беа шокирани од безобзирното однесување на возачот кој наместо да застане и да види што направил на мало девојче, избегал од местото со сопатниците во автомобилот и се криел 30 часа пред да се пријави во полиција.

Но, скопскиот Апелационен суд одлучи да ја намали за повеќе од двојно пресудената казна. Па Николов од притвор заврши во Идризово каде ја издржува 8-годишната затворска казна. Првостепената казна беше највисока за предизвикување на смрт на пешачки

СТАТИСТИКА ЗА ЗАГИНАТИ ПЕШАЦИ ОД 2021-ВА ДО 2024-ТА

Од 2001-ва до крајот на 2024-та година во Македонија, според податоците загинале 842-ца пешаци.

Лани, во 2024-тата загинале 24-ца пешаци, а најмногу смрт на оваа категорија, на најкревките учесници во сообраќајот, била регистрирана во 2008-ма. Тогаш загинале 52-ца пешаци.

Во 2015-та загинале 49, додека најмалку смртни случаи меѓу пешаците имало во време на короната, 2020-та, имало 20 жртви, година дена подоцна загинале 23-ца пешаци. Многу од овие жртви се дадени на зелено светло, на пешачки премини. Но, таква статистика никој не пресметува.

Загинати пешаци во сообраќај (извор: Државен завод за статистика)

година 2001 2002 2003 2004 2005 2006 2007 2008 2009
пешаци 29 34 28 38 34 48 35 52 48
година 2010 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2017 2018
пешаци 32 39 38 45 36 49 35 34 27
година 2019 2020 2021 2022 2023 2024 Вкупно Загинати Пешаци
пешаци 35 20 23 30 29 24 842

 

Миомир Серафиновиќ

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од 3.000 лиценци, прегледавме 2.810 и одземени се 427 – вицепремиерот Николоски за состојбата во градежништвото

Дејан Дејан

Почина Светлана Броз, внуката на Јосип Броз Тито

Дејан Дејан

Тројца убиени, 14 повредени – масовно пукање во САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе