Вести Македонија Најважни

Приведен екс директорот на СОЗР, Пеце Мирчески

Примање поткуп, фалсификување исправа, проневера и несовесно работење. Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на СОЗР, Пеце Мирчески. Се сомничи дека сторил повеќе кривични дела додека бил прв човек на Службата за општи и заеднички работи на Владата. Кривична има и за едно физичко лице – сопственик и управител на правен субјект, за кривичнотo дело давање поткуп.

Како што дознава Телма, станува збор за едно отуѓено возило од СОЗР. Фирмата „В.И.П. сервис дооел“ на второосомничениот Горјан Пехчевски којашто соработувала со службата и која се занимава со изнајмување возила, купила возило „Пасат“ од СОЗР. Потоа, Мирчески го возел автомобилот и по престанувањето на функцијата директор.

Посочената фирма имала соработка со службата и за изнајмување на возила за превоз на делегации, за потребите на СОЗР. На веб-страницата на Бирото за јавни набавки објавени се четири тендери за ова.

Според последните информации и Мирчески и Пехчевски се приведени во полиција. Откако ќе дадат свој исказ во станица, ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.

„Свесно и со умисла, извршил службени дејствија коишто не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П., a притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект“, велат од Финансиската полиција.

Предмет на истрага сега се и службени патувања. Мирчески и негови соработници од СОЗР патувале во прекуокеански земји, каде што требало да присуствуваат на одредени настани. На дестинациите е спорно дали воопшто имало некакви збиднувања.

„Првопријавениот во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио-билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист и исплатени дневници за службени патувања“, се вели во дел од соопштението на Финансиската полиција.

Од Финансиската полиција наведуваат и дека екс-директорот на СОЗР бил запознаен со фактот дека едно лице вработено како пилот не ги исполнувало условите за капетан-водач на воздухоплов, овозможил истото лице во периодот од 27 октомври 2023 до 14 јуни минатата година да добива плата за таа позиција, на штета на Буџетот на државата.

Со тоа, лицето се стекнало со имотна корист во вкупен износ од речиси 56 илјади евра.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца загинати и 8 повредени во тешка сообраќајна несреќа кај Кичево

Дејан Дејан

Трамп: Мировниот договор меѓу Украина и Русија мора да се постигне „брзо“

Дејан Дејан

Хутите тврдат: Истрелавме проектили врз Израел и два американски носачи на авиони

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе