Кога ќе се обрати за ум повеќе, премиерот сега на располагање има 17 експерти од 10-тина области. За Мицкоски правните битки на неговите избрани советници извесно е дека не биле пречка да ги ангажира со буџетски средства. Откако го заврши процесот против него за „Организаторите за 27 април“, поранешниот спикер Трајко Вељаноски од денеска ќе го советува премиерот за правосуден систем и парламентарни нешта.
Искуството стекнато во владата на Груевски, се прелева и кај Мицкоски. За економија му е советник Владимир Пешевски, кој го опфатија измените на кривичниот законик во предметот „Траекторија“. Без прогон и од политичка илегала, на платен список во владата се враќа и финансискиот и банкарски експерт Зоран Ставревски.
Татко на министер и татко на новиот шеф на секторот за Безбедност на Град Скопје во Агенцијата за национална безбедност, поранешниот безбедњак, Љупчо Андоновски и неговиот колега и последен директор на УБК како наследници на Сашо Мијалков, Горан Николовски – Џони, ќе го советуваат премиерот за безбедносни прашања.
Настрана од нивниот бекграунд, владата со зборови кои уверуваат за квалитетот на избраниците на Мицкоски.
„Овие експерти ќе донесат вредни сознанија за развојот на политиките, економските стратегии и меѓународните односи. Со нивното долгогодишно искуство и во јавниот и во приватниот сектор, надворешните советници ќе ја поддржат Владата во донесувањето информирани одлуки кои се усогласени со најдобрите практики и националните приоритети. Активностите на Владата се водени од анализа и непристрасни совети, зајакнување на транспарентноста и стратешкото лидерство!“, се вели во официјалната информација од владата.
Сепак, премиерот, освен што верува во кадарот на Груевски и Мијалков, ќе се потпира и на знаењето на еден Германец, ангажиран и од екс канцеларката Меркел, но и од претходникот на Мицкоски, а наследник на Заев, Димитар Ковачевски.
„Јоханес Хајдекер/надворешен советник, интегриран експерт за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во канцеларијата на претседателот на Владата за подготовка на целни документи за политики, анализи и совети до премиерот и координација со другите ресорни министерства при подготовка и имплементација на владините економски политики со јасна стратешка ориентација кон процесот на пристапување во ЕУ“, стои во известувањето од владата.
Дополнително, од искуството на германскиот експерт Хајдекер, Мицкоски како рамо за потпирање на располагање ги става и поранешниот амбасадор Сашо Марковски и истакнатиот познавач на состојбите, Александар Спасеновски.
Не се занемарени ниту кластерите, образование, култура, јазик, здравство, социјала и инфраструктура. Партиски истакнати, но и во своите области, на списокот на Мицкоски за советување се најдоа професорот Јован Пејковски, Снежана Трпевска, Мимоза Рајл, Лазар Јовевски, професорот по римско право Гоце Наумовски и брат на Васко Наумовски, поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор на Македонија во САД.
Списокот од 17 умни луѓе, избраници на премиерот, опфаќа и еден етнички Албанец. Шенер Биљаљи, тој според описот во една реченица ќе го советува премиерот за односите помеѓу заедниците. Па, така ако се разложи квантитативно, списокот бележи 15 мажи и 2 жени. Повеќето се постдипломци, а шестмина се универзитетски професори.
Вељаноски е амнестиран, Пешевски ослободен од гонење со измените на кривичниот закон. На тројца од нив јавноста им го слушна гласовите и во прислушкуваните разговори. Тројца-четворица ќе примаат месечно до 90.000 денари, а останатите, владата за услугите кон премиерот ќе чинат 60.000 денари.
Павле Беловски