Наама Леви е 20 – годишната ослободена израелка која има македонски корени. На видеото што го објави израелската армија, таа напиша ,,Конечно дома”. Леви се врати во Израел по 477 денови поминати во заробеништво.Заедно со другите заложнички беа пренесени со хелихоптер на израелската армија при што веднаш се сретнаа со најблиските роднини. Македонското потекло на Леви е од нејзината чукун баба која била родена во Македонија во 1893 година. Бабата како девојка заминала во Израел каде основала свое семејство. Леви е една од нејзините потомци.
Претставници од еврејската заедница од Македонија како и роднините на Леви бараа помош од македонските власти за нејзино ослободување базирано на нејзиното македонско потекло. Леви заедно со останатите Карина Ариев,Даниела Гилбоа И Лири Албаг, беа земени од базата Нахал Оз во близина на границата со Газа.
Четирите израелски војници беа ослободени од Хамас во замена за 70 палестински затвореници. Палестинците ја прославија слободата, веејќи знамиња.
Израел го обвини пак Хамас за две прекршувања за договорот за примирје. Со тоа ја оправда забраната на раселени жители во јужниот дел на појасот Газа да се вратат на север. Арбел Јехуда, една од израелските заложници за кои Израел вчера побара ослободување се уште не е пуштена на слобода. Израелските медиуми информираат дека се прават заеднички напори со САД за ослободување на Арбел Јехуда. Додека Јехуда не биде ослободена , Израел нема да го отвори коридорот Нецарим. Затворањето на овој коридор нема да им овозможи на палестинците да се вратат во своите домови. Тие се во исчекување да се вратат во северниот дел во Газа.
„Дојдовме овде затоа што сакаме да се вратиме во своите домови. Повеке од година сме во агонија и не можевме да веруваме дека ќе дојде денот кога ќе се вратиме во своите домови. Од 1 часот навечер , го чекаме враќањето и до сега не го отворија патот“ – вели Надија Касем која е раселена од бегалскиот камп Шати.
„Судбината на повеќе од милион луѓе е поврзана со една личност. Видете колку сме вредни? Ние сме безвредни. Сите овие луѓе што ги гледате овде се зависни од еден заробеник“ – вели Фади ал-Синвар, раселен од градот Газа
Додека Хамас не ја ослободи израелската цивил Јехуда, палестинците нема да можат да се вратат во своите домови на северниот дел на Газа.
Израел го обвини Хамас и за недоволните детали за условите на заложниците кои треба да бидат ослободени во наредните недели.
Војната беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Марија Коцева