Последниот европски диктатор во недела повторно излегува на избори, барајќи од белорускиот народ седми претседателски мандат по ред. Поучен од настаните по претходните претседателски избори во 2020 година, Александар Лукашенко одлучи наместо на редовниот термин во август оваа година, изборите да ги распише во јануари.
Претставници на неговиот режим оваа одлука ја оправдуваа со потребата Лукашенко да има доволно време за стратешко планирање, но сите останати се сомневаат во ова објаснување.
На сите во Белорусија, па и надвор од неа, им е јасно зошто гласањето се одржува во замрзнатиот јануари а не во топлиот август. Во североисточниот дел на Европа полесно се протестира на топло време.
Режимот сака да ја избегне ситуацијата која се закануваше да излезе од контрола по минатите избори, кога опозицијата обвини за местење на изборите и со месеци имаше антивладини демонстрации ширум земјата. Лукашенко ја задржа контролата над Белорусија брутално задушувајќи го секој отпор со повеќе од 65.000 уапсени и илјадници повредени.
Изборите се одржуваат во атмосфера на силен страв и репресија, која не попушта уште од 2020. Имаме околу 1.300 луѓе кои се политички затвореници, кои во моментов се во затвор, зад решетки, рече Катја Глод од Европската мрежа на лидери.
Сите негови политички опоненти се или во затвор, или избегаа од земјата. Противкандидатите, односно луѓето чии имиња стојат на сегашното гласачко ливче се сите негови поддржувачи. Кандидатурите од опозицијата не беа прифатени од изборната комисија.
Сигурно е дека ќе има многу фалсификувања и можеме да очекуваме дека Лукашенко ќе излезе со цифри од 80, 90 проценти, но тоа нема да биде одраз на вистинското мислење на народот во Белорусија, вели Глод.
Во очигледно калкулиран политички маневар, Лукашенко помилува 250 лица, но стотици други беа уапсени во серија рации ширум земјата, чија мета беа семејства и пријатели на затворени опозициски политички активисти.