Вести Свет Топ вести

Часови го делат Трамп од враќање во Белата куќа – уште првиот ден најави стотици извршни наредби

Часови го делат Доналд Трамп од враќање на претседателската функција, од која најави дека уште првиот ден ќе потпише стотици извршни наредби, цврсто решен дека за разлика од првиот мандант, овој пат неговите политики ќе започнат да се имплементираат уште во првите моменти по инаугурацијата.

„Нема да изгубиме ниту еден момент во испорачувањето на нашите ветувања до народот“, најави Доналд Трамп, претседател на САД.

Први на неговиот нишан се илегалните мигранти и трансродовите права, кои беа значително унапредени откако ги изгуби изборите во 2020 година. Нелегалната миграција и противењето на трансродовите права, особено кај поконзервативниот дел од американскиот електорат, беа секојдневна тема за време на неговата кампања.

„Замислете, отворени граници, затвори, ментални институции, мажи се натпреваруваат во женски спортови. Трансродови за сите, трансродови. Набрзо ќе ја започнеме најголемата операција за депортација во американската историја“, изјави Трамп.

Трамп најавува депортација на милиони нелегални мигранти од САД, и иако за да го спроведе тоа неговата администрација ќе се соочи со големи логистички и финансиски пречки, но многумина стравуваат од нарушување и на интегритетот на правосудниот систем.

Но, една од главните причини зошто Трамп успеа, многу полесно од очекувањата, да ги добие изборите во ноември минатата година, беше економијата.

„Брзо ќе ја поразиме оваа инфлациска криза и ќе го ослободиме течното злато. Знаете што е течно злато? – Под нашите нозе го имаме повеќе од сите други“, истакна новоизбраниот претседател на САД.

Растот на цените и инфлацијата која администрацијата на Бајден успеа да ја заузда пред крајот на мандатот, но немаше време да ги собере политичките плодови, беа клучни за неговото враќање во Белата куќа. Многумина Американци беа убедени дека токму Трамп може да ја поправи економијата и да ги заузда цените.

Поучен од проблемите кои ги имаше неговата администрација за време на првиот мандат, овој пат Трамп одлучи на сите позиции да постави луѓе кои му останаа лојални и покрај сите политички и правни проблеми кои ги имаше во текот на четирите години помеѓу двата мандати. Лојални министри и секретари, заедно со мнозинството во Конгресот, му пружаат на претседателот ретка шанса во американската политика, речиси непречено да ги спроведе своите политики.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ВИДЕО) Уникатна изведба на „Кармина Бурана“ со симфониските оркестри од Македонија, Грција и Бугарија

Дејан Дејан

ФОТО/ВИДЕО Кармина Бурана во Софија- Филхармонија заедно со бугарските и грчките колеги изведоа маестрално за стоечки овации

Дејан Дејан

Трамп бара половина од рудното богатство на Украина за да почнат заеднички бизнис-Telegraph објави детали од американската понуда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе