Заврши обдукцијата врз телата на двете близначиња, стари само 17 дена, потврдија од ОЈО во Прилеп. Сега се очекува обдукциониот наод, со кој ќе се утврдат точните причини за смртта на бебињата кои според првичните проценки на лекарите во прилепската болница премрзнаа во нивниот дом во село Славеј.
Во меѓувреме, обвинителот Стевчо Биноски вели дека се обезбедува целокупната медицинска документација од раѓањето и третманот на близнаците, а ќе се истражува и нивниот отпуст од болницата во Прилеп, но и под кои околности настапила смртта.
„Отворен е предмет за овој случај и веќе се постапува. Додека се изготви обдукциониот наод, поднесов барање за да ја обезбедам медицинска документација околу здравствената состојба при породувањето и после тоа, како е изврешен отпустот, дали е извршен надзор од патронажна сестра, што констатирала при посетата. Ќе се проверуваат сите аспекти, а ќе се испитаат и сите здравствени работници кои што постапувале. Ќе се разговора и со социјалните служби“, изјави за Телма, јавниот обвинител во ОЈО Прилеп, Стевчо Биноски.
Близнаците се родија на 30 декември, предвреме, со тежина под два килограми, а беа пуштени дома на 10 јануари, а шест дена подоцна починаа, момчето дома, а девојчето во болница.
На прашањето на Телма дали пред отпуштање од родилиштето е направена лекарска проценка за ризикот по здравјето на предвреме родените бебиња, од болницата во Прилеп рекоа дека, иако беа во добра здравствена состојба, не беа за испис поради нивната мала тежина. Но, и покрај предупредувањата за можни последици, тие биле пуштени на инсистирање и со потпис на нивната 23-годишна мајка. Исто така, се отвора и прашањето дали задоцнета била и посетата на патронажната сестра, која дошла во домот на близнаците на 16 јануари, истиот ден кога тие починаа, иако е пропишано дека оваа посета треба да се оствари првиот ден по отпуштање од болница.
Додека обвинителството постапува за случајот со смртта на двете близначиња од село Славеј и собира доказен материјал, Министерството за здравство најави дека ДЗСИ ќе спроведува вонреден инспекциски надзор во болницата во Прилеп.
Емилија Мисирлиевски