Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас ќе стапи на сила утре изутрина во 6:30 часот. А, дотогаш, се чини, двете страни ќе продолжат со борбените дејствија со несмален интензитет. Само во последните 24 часа се убиени 23-ца Палестинци, а жителите на Тел Авив и Ерусалим утрово ги разбудија сирени за опасност од воздушен напад, лансиран од јеменските Хути. Веднаш се активира израелскиот противвоздушен систем и, како што објавија локалните медиуми, ги пресретна и собори сите проектили.
Луѓето од двете страни на границата се нетрпение одбројуваат до примирјето. Израелците во очекување на повторна средба со нивните роднини – заложници, Палестинците со своите најблиски од израелските затвори. Кошмарот за нив, сепак, е далеку од завршен, бидејќи не знаат дали нивните роднини се живи и во каква состојба се. Изразуваат оптимизам дека размената ќе се случи, иако многупати во изминатите 15 месеци се соочувале со спротивното.
Лидерот на Хезболах го поздрави и пофали договорот за крај на војната во Газа, велејќи дека дадените жртви ги спречиле израелските намери за бришење на палестинската кауза.
Живо е на преминот Рафа, на египетската граница. Десетици амбулантни возила, медицински работници и камиони со хуманитарна помош се подготвени за влез во Газа. Рано утрово, пак, израелската влада, по шестчасовен состанок, го ратификуваше договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците со 24 гласа „за“ и осум „против“. Израел се обврза да ослободи 737 палестински затвореници во текот на денешниот ден, како дел од првата фаза од договорот.
Војната во Газа почна на 7 октомври, со прекуграничен напад на Хамас во јужен Израел во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а 250 завршија во заложништво во Газа.
Сашко Димовски