Јапонската полиција уапси студентка за која верува дека стои зад нападот со чекан на универзитет во Токио и во кој според извештаите на локалните медиуми неколку лица се повредени.
22-годишната јужнокорејска студентка, која студирала социологија, нападот наводно го извршила за време на часовите во кампусот Тама на Универзитетот Хосеи во западните предградија на Токио.
Јапонските медиуми јавија дека уште седум ученици се здобиле со полесни повреди бидејќи осомничената наводно ги удрила своите жртви последователно.
Новинската агенција Кјодо објави дека осомничената им кажала на инспекторите дека се чувствува „фрустрирано“ откако била игнорирана и малтретирана од нејзините соученици и користела чекан што го нашла на кампусот.
Полицијата соопшти дека истрагата се уште е во тек, без да наведе дополнителни детали.
Корејците сè уште понекогаш се соочуваат со дискриминација во Јапонија поради горкото минато меѓу двете земји, што произлегува од јапонската брутална колонизација на Корејскиот полуостров, која заврши во 1945 година со поразот на Јапонија во Втората светска војна.
Во декември, средношколка беше избодена до смрт, а нејзината пријателка беше повредена додека чекаше на ред во ресторанот на Мекдоналдс во југозападниот град Китакјушу во наводен случаен напад, во кој подоцна беше уапсен маж.
Во 2022 година, три лица, меѓу кои двајца студенти на пат да полагаат приемни испити, беа избодени со нож пред Универзитетот во Токио.
Уапсен е 17-годишен студент, а подоцна осуден за обид за убиство.