Во новата година и почетокот на зимскиот распуст кога загадениот воздух е една од најголемите закани по здравјето на децата, препораките на УНИЦЕФ за заштита на најмладите од загаден воздух на отворено и во затворен простор повторно го вклучи алармот. Секојдневно да се следи квалитетот на воздухот, да не се престојува во подрачја со високо загадување, што помала изложеност на децата на физички активности надвор кога е загадено, се дел од препораките.
Според доктор Спасова родителите во најголем дел се запознаени со препораките кои ги наведува УНИЦЕФ, но сепак треба да се подигне свеста на едно повисоко ниво и во семејствата и во самиот образовен процес додека децата се на распуст за начините како да се зачува нивното здравје.
Во Македонија секаде има можност да се отиде на чист воздух, во Скопје ги имаме Водно, Матка, Сопиште, скопска Црна Гора, во Битола го имаат Пелистер, Кочани ја има Пониква, Гостивар го има Маврово, Тетово ја има Шапка, вели спец. д-р Олга Спасова, Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај деца ,,Козле“.
Спасова додава дека има повеќе фактори за зголемениот број прегледи на Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај деца ,,Козле.
Јас не можам да тврдам со сигурност дека загадувањето на воздухот го зголеми бројот на прегледи во нашите амбуланти и сметам дека тоа е поради сезонското очекувано зголемено ниво на респираторни инфекции како што се грипот РСВ и другите респираторни заболување, затоа што загадувањето во нашата земја беше периодично во големите градови, со загадување кое трае 3- 4 дена, истакнува Спасова.
Доколку не се во можност да ги посетат планините во континуитет да ги следат информациите за квалитет на воздухот, но и препораките за заштита на децата од загадување на воздухот во затворен простор.
Да се набават по можност прочистувачи на воздух со ХЕПА филтри, да се носат маски KN95 кога се на отворено и да се користат обновливи извори на енергија за затоплување на домовите и полека да се намали користењето на фосилни горива кои придонесуваат за тие ПМ 2, 5 честички, вели Спасова.
Возрасните треба особено да бидат свесни дека децата се во поголем ризик затоа што нивните бели дробови и мозоци во развој ги чинат особено ранливи на загадениот воздух. Нивниот имунолошки систем е послаб од тој на возрасните, со тоа се и поранливи на вируси, бактерии и други инфекции, се вели вбо препораките на УНИЦЕФ за заштита на децата од загаден воздух.
Нина Стефанова