Од регионот само Сараево и Приштина погоре на листата, а Скопје закован на осмата позиција. Главниот град денеска се искачи на највисоките позиции на светската листа на најзагадени градови, на странската платформа IQAir.
Според мерните станици на Министерството за животна средина, најкритично е во скопската населба Лисиче, а високо загадување е измерено и низ целиот град. Од мерните станици во другите градови, Кичево е лидер според присуството на отровните ПМ 2,5 честички.
Граѓани загрижени и во недостаток на опции, се обратија во електронското сандаче на нашата редакција. Жители на скопско Злокуќани испратија видео-снимки на кои се гледа како во близина на населбата несовесни граѓани палат гуми и отпад.
Ситуацијата се повторува речиси секојдневно, а чад и непријатна миризба се шири по околните населби.
Не можеш да дишеш, пече на очи. Џабе ние дома ставаме прочистувачи на воздух. Седиме заоробени дома. Поднесовме документација до сите институции и можеби секој ден имаме јавувања до Полициска станица – Карпош. Нема никаков одговор и никаква реакција. Секој ден се случува палење – палење на гуми, на кабли. Не е возможно да излезеш на улица да прошеташ куче, да прошеташ дете, вели Предраг Васиљевиќ, жител на Злокуќани.
Вчера Светска банка изнесе поразителни бројки. Речиси 3.000 смртни случаи на годишно ниво во Македонија се поврзани со аерозагадувањето.
Скопје и Тетово се лидери во Европа по отровните честички. Во главниот град, загадувањето е дури осум пати над просекот, а во полошкиот регион петпати.
Властите уверуваат дека се работи на конкретни мерки за решавање на проблемот, додека се чека да заживее гасификацијата.
Петар Догов