Општините годинава потрошиле речиси еден милион евра за забавни манифестации и изведувачи кои настапувале на нив, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации спроведено преку слободен пристап до информации од јавен карактер. Хонорарите за домашните и странските изведувачи се различни, а годинава најскапо платена била хрватската пејачка Северина Вучковиќ со хонорар од 25 илјади евра.
Годинава вкупно 50 општини организирале манифестации, 29 немале такви настани а две општините Ѓорче Петров и Тетово не доставиле податоци.
Годинава најмногу средства има потрошено општина Кавадарци – 202 илјади евра за четири манифестации а потоа следува Струмица со 124 илјади евра и Кисела Вода која за две манифестации потрошиле речиси 65 илјади евра.
Во 2023 година првото место го држи Струмица со 190 илјади евра а зад неа е Кавадарци со 156 илјади евра.
Највисок хонорар годинава исплатила општина Крива Паланка за настапот на хрватската пеачка Северина Вучковиќ – 25 илјади евра, но севкупно со најмногу пари во џебот си заминала Јелена Розга, која од беровската општина добила 22 илјади, а од пробиштипската 20 илјади евра или вкупно 42 илјади евра. Зад нив е Хари Мата Хари кој од Неготино добил 19,5 илјади евра и Саша Матиќ кому Велес му исплатил 17 илјади евра.
За домашните изведувачи резервирани се поскромни хонорари па така најголем хонорар Бојана Скендеровски, која од Општина Неготино, за учество на манифестацијата Неготинска вечер добила 13 илјади евра. Второто место го држи Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата Крива паланка – Град на културата добила 11 илјади евра а зад нив е Кирил Џајковски кому Општина Валандово му исплати 10.000 евра за учество на ревијална вечер на Фолк-фест.
Од Центарот за граѓански комуникации соопштија дека во сумите за хонорарите и манифестациите не се вклучени и парите платени преку донации од фирми и поединци.
Огнен Чанчаревиќ