При целото работење, и како премиер, и како заменик-министер за финансии, се водел согласно законите, истакна поранешниот претседател на владата, а сега пратеник во Собранието, Димитар Ковачевски, откако министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против осум лица, вклучително и против него, за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Се надевам дека институциите ќе го водат целиот тој процес на непристрасен и на професионален начин, така како што треба. Она што можам да го кажам е дека во текот на моето работење, и како претседател на Владата и како заменик-министер за финансии сум се водел секогаш од законите, секогаш сум работел во согласно со нив. Ние немаме на ниту еден начин учествувано во работењето на кое било јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост“, изјави денеска Ковачевски во Собранието.
Вчера МВР ги објави деталите од кривичната пријава која ја поднесе против осуммината за случајот „Лотарија“ меѓу кои и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генералниот секретар на владата, Методија Димовски.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека на 13 декември 2024 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција-Сектор за криминалистички истраги-Единица за корупција до ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против осум лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“, „примање поткуп“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ во случајот со Државната лотарија на Република Северна Македонија.