Приштинското кафе деновиве е на цена во ДУИ. Само еден ден откако државата ја напушти поранешниот прв вицепремиер, Артан Груби, во соседството замина и неговиот лидер. Утринското кафе го пиеше во друштво на партискиот генерален секретар, Фатон Ахмети, и извесен Исмет Сулејмани, кој воодушевен од средбата го нарече кафето „историско“.
На фотографијата го нема Груби, неговата довчерашна „десна рака“, осомничен во два случаи – „Лотарија“ и „Мито и корупција“, но јавноста неизбежно се прашува дали таква средба ќе имаат подоцна, откако, според косовски „Економија онлајн“ на Ахмети ќе му биде врачен клучот на градот.
Груби замина во Приштина викендов, само десетина минути пред пристигнувањето на полициски екипи во неговиот дом каде вршеа претрес. Подоцна, во објава на својот фејсбук-профил, напиша дека е во приватна посета на Косово и дека не е избеган од државата.
Од владејачките партии му порачаа да се врати во Македонија и да се соочи со одговорноста.
Вицепремиерот Меџити, во телевизиско гостување денеска потврди дека имало пропусти од полицијата и царината при напуштањето на Груби на земјава, затоа што не го запреле и покрај тоа што веќе бил ставен на „стоп“ листа. Вели дека, сепак, не може да избега и ќе дојде ден кога ќе се соочи со правдата. Од оваа коалиција го поздравија „будењето“ на обвинителството.
Амбасадорката на САД, пак, немаше коментар по почнатите истраги и обвиненија кои се поведени против двајцата функционери откако нејзината земја ги стави на т.н црна листа како осомничени за корупција.
На 9 декември Стејт департментот јавно ги посочи Артан Груби и судијата Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање на мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков.
Два дена подоцна и Обвинителството отвори предмет. По ова, следеше и второто обвинение за Груби, како вицепремиер и Пeрпарим Бајрами како директор на Лотарија, за криминал од 8 милиони евра.
Далиборка Демјанска Цветановска