Ќе останам директор, ме чека многу работа, вака кратко ни одговори директорот на АНБ Бојан Христовски, по завршувањето на дебатата на Факултетот за безбедност на кој вчера вечер беше избран за асистен по предмет криминалистички науки и треба да одлучи дали ќе биде во научно-образованиот сектор или во безбедносна институција.
Деканот на факултетот Јонче Ивановски ни изјави телефонски дека до крајот на декември, Христовски ќе треба да избере каде ќе работи, а доколку остане во АНБ, после тоа изборот и процедурата се поништуваат бидејќи истекува финансискста согласност за вработување на асистент.
Христовски уште на почетокот на своето обраќање им порача на присутните каде почнал со научната дејност и дека библиотеката на факултетот за безбедност има симболично значење за него затоа што тука го одбранил својот магистерски труд за дерадикализација на повратници од ИСИС и терористи.
Истовремено со неговиот говор на Факултетот, во обвинителството на брифинг беше посочено дека за него има предмет по три анонимни кривични пријави за фалсификуван јазичен сертификат и за лажна факултетска диплома.
Обвинителството побарало меѓународна правна помош од Бугарија бидејќи Христовски приложил ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик од школото Јулија во Пловдив, кое го нема на адресата и не издава такви сертификати.
Тој сертификат на Христовски, за англиски јазик, е на Факултетот за безбедност и обвинителството досега не побарало ништо од факултетот.
Факултетот пак го избра за асистент бидејќи нема завршена ниту истрага ниту постапка во Антикорупциска.
Денеска Христовски пред своите нови колеги професори, но од директорска позиција се пожали дека затекнал лоши услови во АНБ, дека немало формирано внатрешна контрола во тајната служба и немало центар за обука. Но, за спојувањето на тајните служби, најавено од актуелната влада рече дека нема да биде во брза постапка.
-Се прават анализи и може да кажам дека тој процес нема да биде брз, ќе биде длабински со анализи и користење на искуства, рече Бојан Христовски, директор на АНБ.
Дебатата за реформите во безбедносните служби и агенции ја организираше Факултетот за безбедност за да се отклонат дсоегшани пропусти и тие да се прилагодат на новите геополитички и технолошко-дигитални состојби.
Покрај странските партнери од ОБСЕ и DCAF, на дебатата присуствуваа и директорката на ОТА, Јаническа, раководителот на Воената разузнавачка служба, секретарот на Советот за координација на разузнавачко-безбедносната заедница, обвинители и професори додека пак изостана директорката на Агенцијата за разузнавање за која новата власт планира спојување со АНБ.
Миомир Серафиновиќ