Лидерите на политичките партии од Европскиот Фронт, по итниот координациски состанок во Тетово во седиштето на ДУИ од денеска се приклучуваат на „Стражата на Јазикот“, иницијатива која започна вчера пред Уставниот суд против закажаната расправа за во среда за Законот за употреба на јазиците. До тогаш шаторите остануваат пред судот.
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи изјави дека Владата од прв ден се обидува да ја дестабилизира земјата и ги предизвикува граѓаните во најсвети прашања како етнички идентитет, јазици и нивната волја.
А Зијадин Села пред средбата изрази сомнеж за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека не очекува на 11-ти декември Уставниот суд да донесе одлука.
Така кажаа и за законот за бадентер и законот го снема. Влен кажа дека ќе има закон, а поминаа неколку месеци законот не го гледаме уште. Немањето на закон за јазици значи враќање 30 години наназад и почнување од почеток за да ги стигнеме пак овие постигнувања, а за тоа ќе ни требаат неколку децении. Барам од целиот народ да излезе и да го бранат законот за јазиците, изјави села.
Од Европскиот фронт се сомневаат дека се подготвува укинување на овој закон, но и на придобивките од Охридскиот мировен договор, кој за нив е гаранција за еднаквост и праведност.
На состанок беше и координативното тело на коалицијата Вреди, заедно со лидерите на партиите и министрите кои се дел од Владата. Од коалицијата им порачаа на Албанците дека албанскиот јазик ќе биде заштитен и дека не поминуваат триковите на ДУИ да се покажат како спасители на проблемите кои сами ги создале.
Оваа партија го изгласа Законот за јазиците со аномалии, второ, тие го испратија законот до Венецијанската комисија која ја оспори законитоста на три клучни члена, а откако сфатија дека ќе бидат опозиција, преку инсталациите во Уставниот суд сакаа да предизвикаат меѓуетнички тензии за избегнување на одговорност на корумпираните поранешни функционери, а сега со шатори сакаат да се претстават како спасители на албанскиот јазик, изјави пратеничката Саранда Имери Стафаи.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска ја обвинија ДУИ дека прави политички циркус.
ДУИ 20 години бира судии, точно ги знаат правните процедури, и како одлучува Уставниот суд, но и покрај тоа одбраа да приредуваат политички циркус, за да го одвлечат вниманието од јавноста од тоа што 20 години ја крадеа државата. ДУИ 20 години ги краде Албанците и Македонците, а секогаш се повикува на Албанците кога треба да краде или кога се спречени во тоа, како сега, рече бране петрушевски од вмро-дпмне.
И додека партиите од власта и опозицијата си разменуваат обвинувања кој е заштитник на албанскиот јазик не се исклучува веројатноста Уставниот суд да го испрати законот на доработка во Собранието.
Законот за јазиците беше оспорен пред Уставниот суд со 12 иницијативи уште пред пет години. Меѓу иницијаторите се ВМРО-ДПМНЕ, Левица, организации, адвокати, професори… Се оспорува законот во целина, процедурата на донесување и објавување, како и службената употреба на албанскиот јазик. Двајца уставни судии од албанската заедница Осман Кадриу и Насер Ајдари најавија дека нема да присуствуваат.
Марија Митевска