Дајте ни неколку дена да дојдеме до најсоодветно решение, беше одговор на министерката за образование Весна Јаневска околу случајот со ученикот кој има историја на насилно однесување. Таа не сподели детали. Само замоли институциите да добијат време.
„Веќе работиме тимски Министерството за образование, Министерството за здравство и Министерството за социјала, демографија и млади и го решаваме проблемот. Дозволете ни неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки и посериозни активности кои ќе бидат во корист на детето и решавањето на целиот случај“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Родителите на учениците од неговото матично училиште „Лазо Ангеловски“ се жалеа од неговите постапки, дел од нив дури и беа принудени да ги отпишат нивните деца од училиште. Поради заштита на останатите ученици, третоодделенецот беше префрлен на онлајн настава како вонредна мерка за одреден период. Тогаш родителите со изговор дека ја менуваат адресата се обиделе да го запишат во училиштето „11 Октомври“ во Центар.
Директорката на училиштето дала согласност за прием, бидејќи имало место, но кога дознала за неговата историја ја повлекла согласноста. Додека надлежните чекаат да помине време за да се реши проблемот, училишните клупи во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче и втор ден останаа празни. Советот на родители на едно од најголемите училишта во Македонија одлучи ниту еден ученик да не оди на настава сè додека не се реши проблемот со насилниот ученик.
Тамара Марковска