Вести Македонија Најважни

Еден со рачно пополнета пријава, втор правел софтвер за корозија на цевководи, претседателот го згрешил името на институцијата за која конкурира, има и советник од ВМРО-ДПМНЕ- кого власта турка во Советот за граѓански надзор

-Верувам дека со моето искуство, знаења и желба за придонес во подобрувањето на МЕДИУМСКИОТ сектор, ќе бидам активен член и од полза на Советот за граѓанска КОНТРОЛА, вака својата биографија ја завршува мр Илче Димовски кого владечката коалиција во „брза“ лента го помина на Комисијата за избори и именувања во Собранието и го предложи за претседател на Советот за граѓански надзор.

И покрај таа желба, да го подобрува медиумскиот сектор (Советот инаку треба да го подобри независниот, граѓански надзор врз следењето на комуникациите, а не медиумите) и да биде член на Совет за граѓанска контрола (такво тело не постои во правниот поредок), пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Знам и ВРЕДИ виделе дека Илче Димовски е најдобар од 28-те пријавени кандидати за претседател на Советот за граѓански надзор.

Димовски држел и прес конференции во Битола како претставник на ВМРО-ДПМНЕ. Има завршено два факултети, јавна администрација во Битола и правен факултет во Кичево. И двата факулети ги завршил со ист успех -6,62. Интересно е дека и покрај тоа што за завршен 4-годишен факултет се доделуваат по 240 кредити, тој во дипломата за дипломиран јавен администратор има еден повеќе односно 241.

Сега е вработен на Универзитетот „Свети Климент“ во Битола, а оди на докторски студии по меѓународни односи на Универзитетот „Свети Климент“ ама во Софија, Бугарија. Избран е како претставник на НВО сектор од областа на чоевкови права и безбедност, а за тоа има две потврди од две невладини организации во Битола дека се разбирал и учествувал во ативности за заштита на човекови права.

 И во партија и граѓански активисти и експерти

Димовски нема да биде единствен со кариера во ВМРО-ДПМНЕ кој е избран да членува во независниот и за граѓански активисти наменет Совет за граѓански надзор. Друштво му прават Никола Затуроски, поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, од струшко Враништа, кој е математичар по завршен факултет, бил директор на училишта во Струга, се уште предава на ученици, а имал и две фирми (интернет клуб и кабловска телевизија на локално ниво). И Затуровски има препораки од невладина, не од Струга, туку од Центар за одржлив регионален развој Неготино.

Мирче Стојков, во моментот работи како професор по историја во Кочани, исто така е и советник од ВМРО-ДПМНЕ во општина Кочани, а сега е предложен и да ги брани правата на граѓаните од нелегално прислушување како член на Советот за граѓански надзор. Искуството во граѓанскиот сектор го стекнува паралелно со политичката кариера, па од неговата биографија не е јасно дали го исполнува законскиот минимум од 5 години во НВО, бидејќи организациите кои го предлагаат за член тврдат дека кај нив, Стојков е активист од 2018-та или 2019-та, а партиски советник во Кочани е од 2021-ва.

Четвртиот партиски експонент во Советот за граѓански надзор е Благоја Стојановски, машински инжинер кој е предложен како експерт за надзор врз прислушувањето и за заштита на човекови права. Од 2011-та до 2016-та бил пратеник од СДСМ, но заминува од тоа партиско јато во ЗНАМ чиј кандидат за пратеник беше на изборите во мај. Седум месеци подоцна, сега како експерт е избран од владеачкото мнозинство на Комисијата за избори и именувања и е предложен да стане член на Советот за граѓански надзор.

Стојановски во биографијата како експертски детали има наведено дека доставено допис од фирмата „Опен мајнд солушнс“. Соработувал со оваа софтверска фирма на два проекти за софтверски развој, еден за пресметка на проценка на состојба на корозија кај цевководи, а вториот софтвер за одржување на опрема под притисок со предвидување.

Разрешен, но „заборавил“ да стави во биографија 

За член е предложен и разрешениот врховен судија Стојанче Рибарев кого Судскиот Совет го разреши пред три години поради сомнежи дека како в.д. претседател на скопскиот кривичен суд местел и делел предмети рачно, на подобни судии, наместо преку компјутерскиот АКМИС. Овој детал го нема во биографијата која ја доставил до Собранието, но бизарно е што Рибарев има друг документ од Судскиот Совет. Советот му издал документ дека бил вработен таму (беше член на Судскиот Совет) за да може да конкурира во другиот, Советот за граѓански надзор.

Втор куриозитет за пријавата на Рибарев е што уверението за неосудуваност му го потпишал доскорешниот член на Судскиот Совет, судијата Сашко Георгиев (7 месеци беше и претседател на Судскиот Совет во периодот кога незаконски беше разрешена Весна Дамева).

Хемичарот од Струга со на рака пишана пријава

Сепак, најинтересната пријава ја има друг стружанец кој исто така завршил природни науки односно е хемичар по струка. Нафис Ќазимовски на рака и на 28.10. (при крај на конкурсот) напишал куса биографија и се кандидирал. Собранието не му го заштитило ниту матичниот број на Ќазимовски кого сакаат да го изберат да ги заштитува правата на граѓаните. Предложен е како член на граѓанскиот сектор, но нема препораки туку лично навел дека има долгогодишно искуство.

 

Ќазимовски бил носител на дејност на приватна биохемиска лабораторија која ја основал пред 7 години. Има јазичен сертификат за англиски со датум 21.10.2024. (една недела пред да ја поднесе рачно напишаната пријава во Собранието).

Единствен член од академскста заедница е професорката од Факултетот за безбедност Катерина Крстевска Савовска. Од 2005-та е вработена на Факултетот во Идризово, а има работно искуство и во МВР во ИНТЕРПОЛ одделот. Професорка е од областа казнено право и во биографијата има наведено повеќе десетици научни трудови (самостојно или во соработка) учества на научни конеференции и други општествени активности кои опфаќаат десетина страници од нејзината биографија.

Инаку Законот за следење на комуникации предвидува Советот да има претседател и 6 членови (независни) од кои тројца експерти во областа и тројца од невладиниот сектор кој покрива теми поврзани со човекови права и безбедност.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожари во Чучер Сандево, Прилеп, Македонски брод, Дојран, Крива Палнка и Чашка

Дејан Дејан

Зачуван статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство

Дејан Дејан

По пожарите: Полицајци, пожарникари и возач на итна медицинска помош биле хоспитализирани на Токсикологија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе